Почина Ден Ривера, истражувач на паранормалното и чувар на куклата „Анабел“
Ден Ривера, познат американски истражувач на паранормалноста, почина на 13 јули во хотел во Гетисбург, Пенсилванија, САД. Тој беше и чувар на (не)славната, наводно опседната кукла „Анабел“. Имаше 54 години. Веста е објавена вчера, според списанието „Пипл“ (People).
Ривера беше долгогодишен главен истражувач на престижното „Друштво за психички испитувања на Нова Англија“ (НЕСПР), и наследник на починатите, но познати „ловци на духови“, Ед и Лорејн Ворен – токму оние кои, според урбаните преданија – биле првите што ја идентификувале „Анабел“ како натприродна „злонамерна сила“. НЕСПР ја потврди смртта на својот истражувач, опишувајќи го како „пријател, партнер и исклучителен едукатор“. Во мигот на смртта, Ривера бил во Гетисбург како дел од тимот што ѝ ја покажувал озлогласената кукла на јавноста.
Според весникот „Ивнинг сан“ (Evening Sun), службите за итни случаи одговориле на повик од хотелот, каде што човекот бил реанимиран, но без успех. Причината за смртта сè уште не е соопштена.
„Скршени сме и сè уште се обидуваме да се помириме со оваа загуба. Ден веруваше во споделувањето на своите искуства и едуцирањето на јавноста за паранормалното. Неговата љубезност и страст ги допреа сите што го познаваа“, се вели во објавата на НЕСПР.
Според официјалната биографија на НЕСПР, Ривера е роден и израснат во Бриџпорт, Конектикат, и служел во американската армија. Тој влегол во светот на паранормалното како дете, кога наводно бил сведок на необјаснив феномен во својот дом.
Куклата „Анабел“ – многумина би ја нарекле обична парталава кукла, првпат стана предмет на истражување во 1968 година кога ученичка ја добила играчката како подарок. Наскоро, таа и нејзината цимерка наводно почнале да забележуваат необични феномени во станот. Ед и Лорејн Ворен утврдиле дека куклата наводно не е дух на девојче, туку демон. Според раскажувањата, ја изнеле од станот и ја ставиле во стаклена кутија.
Приказната за „Анабел“ е основа и за серијалот хорор-филмови „Повикување“ (The Conjuring), а токму Ривера ѝ помогна на „турнејата со куклата“ да добие нова популарност последниве години преку свои видеа на „Тикток“ коишто имаат милиони прегледи. Тој беше и соработник-консултант за продукцијата на серијата „28 дена опседнати“ (28 Days Haunted) на „Нетфликс“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа