Возач на ЈП „Тополка“ фатен како краде нафта, полицијата дома му пронашла муниција и прашкаста материја
Полицијата од СВР Велес вчера околу 12:45 часот го лишила од слобода 57-годишното лице Д.Ѓ. од Општина Чашка кое било фатено како претура нафта од резервоарот на службено возило на Јавното претпријатие „Тополка“, каде што работи како возач.
Како што соопшти попладнево портпаролот Биљана Ѓаковска од СВР Велес, на депонија во атар на село Раковец, тој бил затекнат од полициски службеници како од резервоарот на службено возило на Јавното претпријатие за комунални дејности „Тополка“ од општина Чашка, каде е вработен како возач, претура нафта во пластичен сад.
-На местото од него се одземени две пластични туби од шест и 10 литри полни со нафта и едно црево, информира Ѓаковска.
По наредба на Основен суд Велес бил извршен и претрес во домот на Д.Ѓ., при што биле пронајдени и одземени седум патрони калибар 16, две пакувања со црна прашкаста материја, 15 иницијални каписли за патрони, машинка за затворање на патрони за ловечка пушка, кожен ремен за патрони, празни патрони за ловечка пушка и други предмети.
-За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно негово документирање, против Д.Ѓ. ќе бидат поднесени соодветни пријави, најавија од СВР Велес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа