Топлотен бран низ Европа - се затвораат цели училишта
Франција издаде рекорден број предупредувања за топлина, додека земјата, заедно со делови од јужна и источна Европа, продолжува да биде погодена од екстремно високи температури, пишува Би-Би-Си . Портокалово предупредување моментално е на сила во 84 од 96 француски департмани, второ највисоко во земјата. Француската министерка за климатски промени, Ањес Пание-Рунашер, ја опиша ситуацијата како „без преседан“.
Многу земји ги ставија службите за итна медицинска помош во состојба на готовност
Речиси 200 училишта во Франција се затворени или делумно затворени поради топлотниот бран што ги погодува делови од Европа повеќе од една недела, а врвот се очекува кон средината на оваа недела. Министерката за образование Елизабет Борн изјави дека соработува со локалните власти за да одлучи како најдобро да ги заштити децата – или да им дозволи на родителите да ги чуваат дома.
Шумски пожари избувнаа во планинскиот венец Корбјер во јужна Франција во неделата, што доведе до евакуации и затворање на автопат. Пожарите оттогаш се ставени под контрола, соопштија противпожарните служби во понеделник.
21 италијански град под највисоко ниво на тревога
Во Италија, 21 град, вклучувајќи ги Рим, Милано и Венеција, како и островот Сардинија, се на највисоко ниво на тревога поради топлина. Марио Гуарино од Италијанското друштво за итна медицина изјави за АФП дека приемите во болници во итни случаи се зголемиле за 10 проценти поради случаи на топлотен удар.
Делови од Англија очекуваат понеделник да биде еден од најжешките јунски денови досега, со температури што ќе достигнат повеќе од 34°C.
Во Шпанија, која е на добар пат да го забележи својот најтоплиот јуни досега, предупредувањата за топлина остануваат на сила. „Не можам да спијам и имам несоница. Добивам сончаница, престанувам да јадам и не можам да се концентрирам“, изјави 21-годишната Анабел Санчез за Ројтерс во Севиља. Во Португалија, седум региони, вклучувајќи го и главниот град Лисабон, се под највисоко ниво на тревога.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа