Започна да се гради новиот Клинички Центар

 

Почетокот на градежните активности за изградба на новиот клинички центар пред старата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје денеска го означија премиерот Никола Груевски, министерот за здравство Никола Тодоров и заменик-министерот Јовица Андовски.

- Тоа е на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија која е од 30-тите години на минатиот век, значи над 80 години стара, многу руинирана и затоа се изгради нова Гинекологија. На местото на старата зграда на Клиниката ќе почне градбата на новиот клинички центар. Практично, технички гледано, градбата на новиот објект почнува денеска со тоа што мора да се отстрани стариот објект, чекор по чекор, за да не се нарушат добрите услови за работа на околните објекти кои се дел од овој комплекс клиники „Мајка Тереза“, рече Груевски, додавајќи дека уривањето ќе трае три месеци. 

 Во објектот ќе се сместат речиси сите клиники од комплексот „Мајка Тереза“, освен Инфективната која намерно е оставена да биде малку понастрана и ќе биде споена со Хирургија. Три ката на хирургија ќе бидат слепени со овој нов објект, а исто така ќе биде поврзан со топол премин и со Клиниката за гинекологија која е веднаш до овој објект.

- Почнуваме еден капитален проект за државата затоа што комплексот клиники „Мајка Тереза“ не е болница за Скопје, тоа е комплекс клиники за сите, терцијарно здравство за сите граѓани на Македонија. Практично тука ќе биде концентрирана не само болничката дејност, туку и научната дејност, како што е сега, но ќе биде во многу подобри, посовремени услови кои ќе бидат и за доброто на пациентите, но и за доброто на лекарите и другиот медицински персонал кои во многу подобри услови ќе можат да ја остваруваат својата дејност, додаде премиерот Никола Греувски. 

02.01.2014 - 14:39
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега