Едниот уби човек среде Центарот на Скопје - Фатени двајца криминалци барани повеќе од две децении

 

Во рок од неколку недели се уапсени двајца криминалци кои беа барани две децении, за повеќе кривични дела. 

Грчката полиција го уапси Ацо Боцевски, познат како Циганот, по 27 години бегство од правдата. Тој е осуден на 15 години затвор за убиство сторено во ноември 1997 година.

Боцевски беше фатен во грчкиот град Катерини, по што следи екстрадиција во Македонија. Против него беше распишана европска потерница, а се верува дека долг период се криеше во Бугарија и Турција.

Според судските документи, во 1997 година тој предизвикал сообраќајна несреќа, а потоа нападнал и усмртил 37-годишен македонски државјанин. Иако бил осуден во 1998 година, избегал пред да почне да ја издржува казната.

Сега, по апсењето, следи правна процедура за негово враќање во Македонија.

Аце Боцевски во 1998 година е осуден на 15 години затвор за убиството на Сеат Ибраими во центарот на Скопје. Откако беше пуштен во куќен притвор избега од државата. Против него беше распишана една од најстарите меѓународни потерници на МВР.

Исто така, по 22 години бегство, Хамди Бајрамовски, познат во јавноста како командант Бреза од селото Брест, беше фатен и уапсен во скопската населба Ченто.

Тој беше баран по потерници за издржување казна затвор од пет години за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик и затворска казна од шест години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215, како и за повеќе истраги за повеќе сторени кривични дела со мерка притвор по член 396, член 123 став 1 и став 3, член 396, член 158 и член 237 од Кривичниот законик.

Тој на јавноста и е познат како лице кое стоеше зад „нелегална воена единица". Името на Бајрамовски го привлече вниманието на јавноста и во 2005 година, кога при претрес во негов дом беа пронајдени огромна количина оружје – минофрлачи, гранати за РПГ, униформи, тенковски гранати и над 300.000 куршуми. 

Според податоците од МВР, командант Бреза е однесен Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на казната од 11 години затвор.

 

04.06.2025 - 09:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега