Јахоски останува зад решетки: Судот ја одби гаранцијата од милион евра

 


Судот ја одби гаранцијата од еден милион евра на бизнисменот Асмир Јахоски, осомничен за перење пари, во замена да биде пуштен од притвор.

„Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на А.Ј., осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело, поднесен преку неговиот бранител, за замена на мерката притвор со гаранција, по одржана седница и извршен увид во целокупните списи на предметот, донесе решение со кое предлогот на осомничениот се одбива како неоснован“, соопшти Кривичниот суд.

Имено, судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на јавниот обвинител, смета дека во овој момент сe уште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор односно околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците како и дека може да сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка сеуште е во тек и сеуште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 3 дена од приемот на истото.

Јахоски е дел од истрага против 13 лица и една фирма за злоупотреби и перење пари при набавка на мазут со сомнителен квалитет за државните електрани.

22.04.2025 - 17:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега