Шведско радио: Грција нема да го смени ставот кон Македонија
Колку би можело да се очекува Грција да биде успешна по преземањето на улогата на претседавач со ЕУ по 1 јануари? Може ли Грција, која се наоѓаше во епицентарот на европските економски проблеми, да претставува движечка сила во преговорите околу разни прашања, коментираат шведските медиуми, пренесува МИА.
- Да се биде земја-претседавач со ЕУ би можело да се спореди со улогата на судија во фудбалски натпревар. Треба да се овозможи играта да тече непречено, а всушност најдоброто што би можело да се случи е воопшто да не се забележи дека е присутен судијата, вели еден шведски ЕУ-репрезент во Брисел. Тој вели дека во седиштето на ЕУ постои голема загриженост во пресрет на преземањето на претседавачкиот мандат од страна на Грција.
Шведското радио, пак, објавува дека едно од прашањата околу кои владее голема неизвеснот е натамошното проширување на ЕУ и дали тој процес воопшто на некој начин ќе биде придвижен со тоа што Грција го презема претседателството.
Грција порано го имаше проширувањето како едно од своите приоритетни подрачја во текот на шестмесечниот претседавачки мандат, но тоа сега е избришано. Се очекува Србија да ги почне преговорите во јануари, но, на никаков начин не се очекува Грција да го смени својот тврд став кон Македонија.
Прашањето на името повеќе години е проследено со грчко вето против започнувањето на преговорите со Македонија. Во тој однос не може да се очекува ни најмала промена, стои во коментарот на Шведското радио.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа