Скопје се подготвува за незаборавна забава - што ќе се случува на плоштадот „Македонија“?

 

Скопјани и оваа година ќе имаат можност да ја дочекаат Новата година во одлична атмосфера на плоштадот „Македонија“. На забавата која ќе започне во 21 часот, ќе настапат македонските пејачи Калиопи, Тијана Дапчевиќ, реобединетото музичко дуо „Куку Леле“ и младиот изведувач на народни песни Мустафа Имери.

Пречекот на Новата година е организиран од Град Скопје со поддршка на Македонски телеком и Т-Мобиле Македонија.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски ги покани граѓаните да дојдат на скопскиот плоштад, ветувајќи им незаборавна забава која ќе трае до раните утрински часови. 

И оваа година, точно на полноќ, небото над Скопје ќе биде осветлено со спектакуларен огномет.

Најмладите посетители ќе можат да уживаат во театарски претстави, фотографирање со Дедо Мраз и забава со детски песни.

Новогодишната елка оваа година “никна“ на нова локација, меѓу Градскиот трговски центар и споменикот „Воин на коњ“. Висока е околу 18 метри, во златна боја, украсена со материјали кои наликуваат на конфети. На улицата „Македонија“ се растегнати долги нишки со светилки и новогодишни украси - топки. На плоштадот „Филип Втори“ на влезот во Старата скопска чаршија поставена е елка во сребрена боја.

За украсувањето на централното подрачје беше задолжена фирмата Линк медија плус. 

30.12.2013 - 09:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега