Пратениците со полни раце работа

 

Maкедонското Собрание денеска треба да одржи продолжение на две седници.

Пратениците ќе ја продолжат 77. седница на која ќе расправаат по Предлог на закон за забрана на користењето на симболот истакнуван на знамето на Република Македонија пред влегувањето во сила на привремената спогодба потпишана меѓу Република Македонија и Република Грција во 1995 година и знамето што го содржи овој симбол и Предлог закон за амнестија во прво читање, поднесени од пратеникот Ивон Величковски.

Пратениците потоа ќе ја продолжат 80. седница на која на дневен ред се предлог законите за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, на Законот за виното и Законот за радиодифузната дејност, сите по скратена постапка.

Пред пратениците на ова продолжение се предлог законите  за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, за квалитет и безбедност на ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, за вонсудско спогодување, за финансиската полиција, за административни службеници и за вработените во јавниот сектор, сите во прво читање.

Ќе бидат разгледани и предлог за дополнување на  Законот за идентификација и регистрација на животните, на Законот за индустриската сопственост, Законот за пригодни ковани пари и Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија. На дневен ред се и измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, на Законот за задолжница, на Законот за бесплатна правна помош, на Законот за управни спорови, Законот за мирно решавање на работните спорови, Законот за семејството  и на Законот за градење, сите во прво читање. 

Пратениците на ова продолжение треба да разгледаат и предлог финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика за 2014, Програмата за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2014 година, годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2014, како и повеќе предлог одлуки.

30.12.2013 - 08:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега