Без политичко искуство: Америка има нов министер за енергетика
Американскиот сенат синоќа го потврди Крис Рајт, директор на нафтена компанија без политичко искуство, за нов секретар за енергетика во администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Рајт беше потврден од 58 членови на Конгресот во Горниот дом, а 38 му се спротивставија – седум демократи и еден независен преминаа на републиканската страна во поддршка на 60-годишниот жесток застапник за фосилни горива.
Рајт е извршен директор на нафтената компанија Либерти енерџи од Денвер, а претходно најави дека ќе се повлече од таа функција кога ќе стане министер, што и го направи.
Минатата година тој во една статија рече дека влијанието на човештвото врз климатските промени е реално, но дека нивните последици се „нејасни и далечни“.
Тој, исто така, истакна дека пристапот „одозгора“ за ограничување на гасовите со ефект на стаклена градина не може да успее. Тој ги нарече климатски активисти алармисти и ја спореди борбата на Демократската партија против глобалното затоплување со комунизмот од советски стил.
Се очекува Рајт да го поддржи планот на Трамп да го максимизира производството на нафта и гас и да се обиде да најде начини за зголемување на производството на електрична енергија, за што побарувачката расте за прв пат по децении.
Рајт доаѓа на чело на министерството со буџет од околу 50 милијарди долари, од кои околу половина одат за одржување на американското нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс.
Исто така, ќе управува со 17 државни лаборатории кои покриваат области од развој на енергија од фузија до суперкомпјутери. На неговото сослушување, тој го наведе проширувањето на домашното производство на енергија, вклучително и течен природен гас (ЛНГ) и нуклеарна енергија, како приоритет.
Соединетите Американски Држави станаа најголемиот извозник на ЛНГ во 2023 година, а нивниот извоз се очекува да се удвои до крајот на деценијата. Рајт, кој нема политичко искуство, опширно пишуваше за потребата од поголемо производство на фосилни горива за да се извлечат луѓето од сиромаштија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа