Уникатниот и вековен обичај „Четрсе“ на репрезентативната листа на УНЕСКО

Националната комисија на УНЕСКО денеска го одбележа воведувањето на првото добро од Македонија на репрезентативната листа на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО - ритуалот „Четрсе“. Станува збор за уникатен и вековен обичај во Штип, кој се практикува на верскиот празник Св. 40 Маченици на 22 март, кога луѓе од сите генерации го искачуваат стрмниот Исар, попат се поздравуваат со најмалку 40 луѓе. Младите собираат и 40 камчиња, 39 ги фрлаат во Брегалница, а едно оставаат под перница зашто, според верувањето,  ќе го сонат животниот сопатник. 

- Нематеријалното културното наследство во Македонија се негува со векови и се пренесува со генерации. Таа претставува милје на богат извор на најразлични форми на изразување и практикување на нематеријалното културно наследство. Ова е голема чест, привилегија, но и обврска за нас, да се најдеме на листата на УНЕСКО како ремек-дело и универзална вредност што сега, по впишувањето, официјално станува дел од светското нематеријално културно наследство, изјави денеска генералниот секретар на Националната комисија на УНЕСКО Лидија Топузовска.

Сертификатот за впишувањето на „Четрсе“, потпишан од генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, таа му го врачи на штипскиот градоначалник Илчо Захариев, кој рече дека Штип е град со историја и фантастична култура, град на христијанството, младоста и убавината, родно место на значајни личности, па поради тоа не е случајно што токму од него е впишано првото македонско културно добро  на листата на светската организација.

- Значењето на овие добра е големо, иако не можат да се видат. Тие траат од времето кога почнува создавањето на културните идентитети. Впишувањето на „Четрсе“ е историски чин со кој УНЕСКО ја признава македонската култура и идентитет, што е особено значајно во овие времиња. Ова донесува многу бенефити и е можност за Штип да се брендира, истакна  Стојкова-Серафимовска, истражувач во Институтот за фолклор.

Македонија е вклучена и во заедничка апликација - за празнувањето на Ѓурѓовден, а ќе учествува  уште во две мултинационални апликации - „Мартинки“ и „Анегдотите на Настрадин-оџа“.

26.12.2013 - 12:26
Фото: 
Дневник

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега