Груби: Чист сум како солза, но сепак збогум

 

Поранешниот вицепремиер и член на ДУИ Артан Груби, кој се најде на црната листа на САД, синоќа преку социјалните мрежи објави дека се повлекува од политичкиот живот и дека за тоа го информирал лидерот на партијата Али Ахмети.

Груби наведува дека е чист како солза, но дека решил да се повлече за да не биде, како што вели, ничиј политички товар и дека одлуката ја донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет.

„Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и за зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, вели Груби во објава на Фејсбук.

Вели дека бескомпромисно е посветен на еднаквоста на Албанците во Северна Македонија, на целосната интеграција во НАТО, на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и на членството во Европската Унија.

„Тоа се вредности кои не се само моја мотивација, туку и обврска која отсекогаш сум ја чувствувал. Нашите достигнувања, на кои сите бевме сведоци, не се само заслуга на мојата и посветеноста на моите колеги, туку и на искрената и континуирана поддршка на нашите пријатели од Соединетите Американски Држави и на Европската Унија. Фактот што денес Северна Македонија е членка на НАТО и ги започна преговорите за членство во Европската Унија е јасен доказ за оваа соработка и заендичка посветеност. Но, цената на оваа посветеност, цена која отсекогаш била во служба на вредностите и правдата, е тешка за мене и за моето семејство“, наведува Груби во објавата.

Стејт департментот ја прошири црната листа со имињата на Груби и судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд, обзнанувајќи дека примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на поранешениот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков.

Од Јавното обвинителство вчера информираа дека е оформен предмет за обезбедување на докази за евентулна кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.

„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание“, истакна државниот обвинител Љупчо Коцевски на  брифингот со новинарите.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера во изјава за медиумите рече дека партијата не ги оспорува одлуките на Стејт департментот и дека Груби ќе го води процесот со факти, посочувајќи на неговото право на жалба.

 

12.12.2024 - 09:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега