ЈО: Притвор за девет лица од случајот „Адитив“
По вчерашната успешно спроведена акција и донесената Наредба за спроведување на истражна постапка против 23 лица, денеска предметните обвинители до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставија предлози за изрекување на мерка притвор за деветмина осомничени. До моментов се прифатени предлози за осуммина осомничени, а за едно лице судијата на претходна постапка треба да донесе одлука до крајот на денешниот ден.
Ценејќи дека се исполнети условите, а заради непречено водење на кривичната постапка, обвинителството до судијата на претходна постапка предложи на останатите осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица.
Обвинителите во текот на денешниот ден до Основниот кривичен суд доставија и пет предлози за времени мерки за обезбедување на имот на дел од осомничените.
Во текот на вчерашниот ден при претресите пронадени и одземени се парични средства во вкупен износ од 208 000 евра, над 30 мобилни телефонски апарати, компјутери, лап-топи, УСБ стикови, едно моторно возило марка BMW и обемна документација поврзана со кривично правниот настан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа