Филипче: Ветувањата на Владата за инфраструктурни проекти се само лаги

 


Претседателот на СДСМ Венко Филипче изрази сомнеж за реализација на инфраструктурните проекти во општините, кој беше најавен од ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за емисијата „360 степени“, Филиче вели дека проектот со 250 милиони евра никогаш не бил реално буџетски предвиден.

„Јас би рекол дека таков проект не постои. Најавуваат 250 милиони евра кои што никаде ги нема, не се буџетирани. Тоа беше само една пропаганда, еден балон кој што веднаш се издиша кога ги тргнаа билбордите со коишто таквиот проект го најавуваа“-кажа Филипче во интервјуто.

Тој смета дека годинава нема да се реализира ни едно евро, и станува збор за уште една силна пропаганда на власта. Во однос на ветувањата за 100 милиони евра за оваа година и 250 милиони за следната, Филипче посочи дека станува збор за големи лаги, кои се само почеток на предизборната кампања. Според него, општините немаат капацитет да реализираат толку големи суми во краток временски период, а проектите може да се искористат за предизборен поткуп, што дополнително го засилува сомнежот за транспарентноста на процесот.

„Тоа е само една голема лага, еден почеток на една предизборна кампања која што ќе биде иста голема лага како што беше предизборната кампања за парламентарните избори во која што, се што ветија се покажа. Така да тие пари ниту се буџетирани ниту предвидени во тој формат и таа сума која што е најавувана. Општините немаат капацитет да реализираат толкава сума на пари за толку кратко време, додека почнат проектите да се изведуваат, па додека почна исплатата на тие пари... Тука доаѓаме до едно друго суштинско прашање, какви ќе бидат проектите за што ќе служат, дали вистински бенефит ќе имаат граѓаните или навистина ќе ги користат за предизборен поткуп. Сметам дека станува збор за еден навистина сомнителен процес за земање пари на многу сомнителен начин од банка во Унгарија практично договорено во четири очи кој што очигледно еве се користат за предизборен поткуп-вели Филипче за 360 степени.

03.12.2024 - 09:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега