Сиљановска: Бугарското вето не ја загорзува само Македонија
Бугарската блокада на македонскиот пат кон ЕУ не е само македонска приказна туку опасност да се загрози иднината на Западен Балкан и на цела Европска Унија, порача вчера претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за МТВ.
Во интевјуто таа откри дека на бугарскиот претседател Румен Радев со кого се среќава три пати за три месеци и со кого гради добри односи му ги пренела македонските позиции за одложено дејство на уставните измени до ратификацијата на влезот на Македонија во ЕУ од страна на бугарскиот Парламент.
– Бараме вин-вин состојба, не смееме да ги излажеме граѓаните, го бранам националниот интерес, но не со скандали туку со почит – изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова откривајќи дека директорот на Бугарската опера Пламен Карталов во книга за културната дипломатија објавил цела глава која се однесува на посетата на Сиљановска Давкова на бугарската опера во Скопје и на посетата на Сиљановска Давкова на настапот на македонската опера во Софија.
Запрашана што мисли Радев кога зборува за блиска иднина и договор во контекст на спорот со Македонија, претседателката порача дека според тоа што го гледа од средбите со европските лидери политичарите од ЕУ ги разбираат нашите позиции.
Таа очекува до крајот на годината да се остварат ветувањата од тие што признаваат дека Македонија сторила доволно и сега на ред е ЕУ да помогне за да се дојде до компромис.
Ако бугарската страна постојано вели дека Македонија има проблем ЕУ во контекст на преговарачката рамка, Сиљановска Давкова очекува од сериозни политичари да се држат на зборовите затоа што ЕУ мора да ги спроведува своите принципи содржани во Договорот за ЕУ, Конвенцијата за фундаменталните права и другите основни документи на унијата.
– Ако не е така тогаш ЕУ заборава на своите принципи. Овој преседан нема да биде само македонска приказна туку ќе ја загрози иднината на Западен Балкан, но и на ЕУ затоа што нема да одговори на предизвиците на новата ера. Потребен е плурализам, а не унилатерализам, ЕУ може да биде конкурентна само ако стане Европа со сите што се историски и културно дел од Европа – смета Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова смета дека тоа што го нуди Македонија сега е разумно и логично. Граѓаните според неа се уморни, постојано им се додаваат услови за почеток на преговори. Нема логика со референдумското прашање за промена на името да се нуди членство во ЕУ, а сега да се нуди почеток на преговори ако се усвојат уставните измени, смета шефицата на државата.
Сиљановска Давкова предлага со Бугарија и ЕУ да се најдеме на половина пат во интерпретацијата на рамката, а за тоа има простор затоа што протоколите не се меѓународни договори.
Таа прашува што ќе се случи ако двете историски комисии отворат простор за дополнувања на преговарачката рамка.
Во договорот за пријателство меѓу Скопје и Софија нема барање за влез на Бугарите во Уставот, а компромисот би довел до тоа Бугарија да добие почит од македонските, но и од бугарските граѓани, смета Сиљановска Давкова за која не е прифатливо научните историски комисии да бидат под капа на политиката.
Не смее протоколи на комисии да влијаат на уставни промени, смета претседателката.
– Нека стои тој протокол но прашањата, во него не смеат да бидат надвор од Копенхаген критериуми кои се водич на патот кон ЕУ, а протоколите не смеат да се користат за вето и блокади – изјави Сиљановска Давкова во интервјуто за МТВ.
Претседателката откри дека според извештаите на ЕУ Македонија во многу параметри е подобра од нашите соседи дури и од некои членки на ЕУ.
– Македонија во некои критериуми е подобра од сите кандидати и вкупно од 10 земји меѓу кои има и ЕУ членки – рече Сиљановска Давкова, откривајќи дека за теми медиумите и коруцијата Македонија е подобра од Унгарија, Албанија, Украина, Србија….
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа