Севернокорејскиот лидер до своите војници: Подгответе се за војна
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја повика армијата на неговата земја да ги фокусира сите напори на завршување на воените подготовки, објави државната новинска агенција КЦНА, пренесува Хина.
КЦНА објави дека Ким го опишал Корејскиот полуостров како „најголемото жариште на светот“ во говорот пред командантите на баталјоните во Пјонгјанг.
Ким, исто така, ги обвини САД и Јужна Кореја дека ги доведоа тензиите на полуостровот „до најлошата фаза во историјата“, пренесе КЦНА, пренесува „Ал Џезира“.
Во саботата, „Фајненшл тајмс“ објави, повикувајќи се на извори, дека Северна Кореја сега ја поддржува Русија во нејзината војна против Украина не само со испраќање војници и муниција, туку и тешка артилерија.
Според извештајот на британскиот весник, околу 50 самоодни хаубици M1989 Koksan и речиси 20 повеќецевни ракетни фрлачи, произведени во Северна Кореја, пристигнале во Русија во последните недели.
Американскиот Стејт департмент неодамна утврди дека илјадници севернокорејски војници активно се борат заедно со руските сили во пограничниот регион кај Курск, каде што се ангажирани против украинските трупи.
Извештаите на јужнокорејското разузнавање дополнително покажуваат дека Северна Кореја распоредила повеќе од 10.000 војници во Русија, заедно со снабдување на руските сили со артилериска муниција.
Растечката воена соработка меѓу двете земји е зацементирана со неодамна потпишаниот договор кој вклучува меѓусебен одбранбен сојуз, пренесуваат светските медиуми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа