Мицкоски од Приштина: Време е да ги решаваме економските прашања

 


Конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот се договорени денеска во Приштина, на втората заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

-Нашата средба беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Разговаравме за широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување на регионална стабилност и безбедност. Договоривме конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот, изјави Мицкоски на заедничката прес - конференција со неговиот домаќин косовскиот премиер Албин Курти.

Тема на разговор,  биле и образованието, културата и младите, со цел како што кажа премиерот Мицкоски, да го поттикнеме меѓусебното разбирање и да изградиме посилни врски помеѓу нашите народи. Според него, инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина. Станало збор и за процесот на евроинтеграциите.

-Дискутиравме и за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Убедени сме дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори можеме да ги надминеме предизвиците и обезбедиме просперитет и стабилност за нашите граѓани. Сакам да посочам нешто со кое се согласивме со мојот драг колега. Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот, кажа Мицкоски.

Токму тоа, рече беше и мотивот денеска да ги потпишат меморандумите и протоколите - првиот за енергетика, развивање на соработка за размена на електрична енергија, гас и останати енергетски потенцијали, вториот, протокол за заеднички граничен премин каде ќе се намали времето на премин на граница и третиот е образованието и соработката во оваа област.

-Време е да разговараме за иднина, наместо за минато. Граѓаните имаат заеднички проблеми, затоа ќе носиме и заеднички решенија. Имаме заеднички вредности кои ги споделуваме и градиме отворени односи со соседите, рече премиерот Мицкоски заблагодарувајќи се, како што рече, на колегата и пријател Албин Курти за топлото гостопримство и за успешната и конструктивна средба и изразувајќи очекување за конкретни резултати од денешните разговори и идната соработка.

На новинарско прашање во однос на трговската размена меѓу двете земји, која годинава изнесува 432 милиони евра, Мицкоски рече дека заедничка задача на двете страни е таа да се зголеми над половина милијарда евра, и тоа е нешто кон коешто треба заеднички да се стремиме.

-Логично е дека ако заедно настапуваме на трети пазари дека ќе бидеме поатрактивни, бидејќи сигурно дека заедно сме посилни кога би настапувале на трети пазари. И Косово и Македонија се земји коишто не излегуваат на море. Ние имаме една предност географска затоа што сме природна раксрсница на два многу важни европски кродирори - Коридорот 8 и Коридорот 10. Коридорот 8 е, пред се, важен за најголемата воена струткура во историска смисла на зборот, а тоа е НАТО. Алијансата има за цел да ги поврзе Црното и Јадранското Море. Така што, оваа наша географска предност е секако предност и за Косово, бидејќи сме соседи, бидејќи сме тука. И придобивките од тоа може да се почувствуваат и тука, посебно кога станува збор за трговијата, рече Мицкоски. 

Тој укажа и на енергетското поврзување меѓу двете земји и на важноста од размена на електрична енергија и минерални суровини како јагленот. 

-Исто така и во енергетиката го завршуваме тендерот за изградба на конкекторот со Грција. Тоа ќе значи дека следен фокус треба да ни бидат двата северни интерконектори коишто планираме да ги градиме во периодот којшто следи. Едниот од тие е поврзување со Косово. Така што мислам дека на тој начин ќе може Косово да почне да употребува и природен гас за производство, за производство на електрична енергија. Но, исто така до тогаш можеме да имаме би рекол исклучително квалитетна размена и соработка во делот на размената на електрична енергија, друг тип на минерални суровини коишто во одредени периоди од годната нас ни недостасуваат, а во Косово ги има, би рекол повеќе од тоа што треба и обратно. Одредени периоди кога Косово му требаат ние можеме тоа да го вратиме. Затоа заеднички кога би соработувале тоа би значело и многу поевтино за граѓаните и многу подобро за двете држави. Така што апсолутно се согласувам со сето она што е кажано. Си поставивме цел, сега ќе видиме треба да ја реализираме таа цел, вели премиерот Мицкоски.

18.11.2024 - 15:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега