На Шпанија ѝ се заканува ново невреме, вклучен портокалов аларм: Кралот во маскирна униформа ја посети војската
Кралот Филип од Шпанија денеска ја посети воената база во провинцијата Валенсија за да дознае како армијата им помага на поплавените подрачја каде што поплавите однесоа најмалку 222 жители.
Кралот пристигна од Мадрид во воената база во Бетера, место на 20 километри од градот Валенсија, соопшти кралската палата. Таа на социјалната мрежа Х објави фотографии од кралот во маскирна воена униформа за време на средба со воени претставници.
Во провинцијата Валенсија се распоредени 8.474 војници за да помогнат во чистењето на калливите улици и потрагата по исчезнати лица. Тој до крајот на денот ќе го посети и воениот брод кој пред неколку дена заплови во пристаништето во Валенсија. Нема да влезат во опустошени места или да се сретнат со жителите.
Метеоролошката служба АЕМЕТ ги предупреди жителите на југоисточната провинција на доаѓање на ново невреме, иако послабо од пред две недели кога почнаа поплавите.
„Во текот на вечерта и во среда очекуваме обилни врнежи од дожд на Балеарските острови и провинциите Каталонија, Валенсија и Андалузија“, објави АЕМЕТ преку социјалната мрежа X. Прогласен е „портокалов“ аларм што укажува на „голема опасност“.
Споменатите области, особено местата околу градот Валенсија, настрадаа по излевањето на реките на 29 октомври. Поплавени се бројни места, а спасувачките служби трагаат по уште 23 лица. „Внимание! Можни се нови излевања и поплави“, предупреди АЕМЕТ.
Се огласи и регионалниот лидер Карлос Мазон, чија оставка во неделата побараа илјадници демонстранти во градот Валенсија. Тој ги повика 5-те милиони жители на провинцијата Валенсија да бидат внимателни. „По се што се случи, потребно е посебно внимание. Ќе бидеме во контакт со АЕМЕТ и другите служби“, рече тој.
Некои жители сметаат дека властите не ги предупредиле навреме луѓето за невремето од дожд пред две недели и дека предоцна испратиле помош во опустошените подрачја. Некои училишта и колеџи во провинцијата Валенсија ја откажаа наставата.
Шпанија беше погодена од најтешката природна катастрофа во последните децении. Премиерот Педро Санчез во вторникот на глобалниот самит за климата во Азербејџан рече дека „климатските промени убиваат“. „Она што се случи во Валенсија не е изолиран случај“, истакна тој.
10.358 полицајци, 3.000 пожарникари и 800 доброволци им помагаат на жителите во поплавените подрачја, јави шпанската јавна телевизија ТВЕ. Доаѓањето на кралот Филип предизвика негодување кај населението, тоа беше негова прва посета на провинцијата откако таму беше пречекан со извици „убиец“.
Кралот, кралицата, премиерот и регионалниот лидер сакаа да изразат солидарност со жртвите четири дена по избивањето на поплавата, но жителите ги пречекаа со фрлање кал и навреди во Паипорта, најпогодениот град. Поради загрозената безбедност, надлежните ги прекинаа понатамошните посети на поплавените подрачја.
Кралската палата извести дека кралот и кралицата би можеле повторно да ги посетат поплавените области во внатрешноста, следната недела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа