Средба Сиљановска Давкова - Орбан - разговараа за европските аспирации на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, како на политички, така и на економски план, и за македонските аспирации за членство во Европската Унија.
На средбата беше констатирано дека Унгарија останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции и во тој контекст претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за поддршката што Унгарија ја дава во повеќе области, вклучувајќи ги европските аспирации на нашата држава, како и фактот што прашањето за проширувањето е високо на агендата на тековното унгарско претседателство со Европската Унија.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ и изрази надеж за фер процес на пристапување во ЕУ што ќе го почитува дигнитетот на македонските граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа