Министерката за финансии: Сите земји од Западниот Балкан треба заедно да влезат во ЕУ

 

Сметам дека сите земји од Западниот Балкан треба заедно да влезат во Европската Унија, а не некоја да оди понапред од друга, изјави за МИА министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која денеска во рамки на својата работна посета на Брисел говореше на панелот „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“ во рамки на Конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ во организација на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“. 

Таа посочи дека на панелот  биле изнесени различни размислување од страна на говорниците, при што некои се залагале за постепено проширување на ЕУ, а дури пак се изјасниле дека е важно приемот на нови членки да се врши врз системот на заслуги. 

- Некогаш ние бевме лидери во регионот во однос на исполнување на обврските, а денес имаме еден проблем, проблемот со Бугарија и како резултат на тој проблем, го поставив прашањето како ќе го калкулираме или како ќе мериме согласно системот на заслуги. Затоа тоа е нешто што треба да стои на страна и понатаму да се разговара, но приемот треба да биде заеднички на сите земји од Западниот Балкан, особено што, пак ќе кажам, станува збор за прашање коешто не можеме да го измериме и да кажеме дали Македонија направила се што треба или не направила, додаде Димитриеска-Кочоска. 

Министерката посочи и дека ние како земја што чека да почне преговори со ЕУ, ги исполнуваме обврските коишто ни се дадени и тоа со една забрзана динамика особено во делот на Планот за раст на Западниот Балкан.  

- Во тој дел, како Влада, имаме постојано состаноци, координации заедно со министерот за евроинтеграции, во насока на тоа што побрзо да ги исполниме сите обврски и да започнеме со преговорите што побрзо, изјави Димитриеска-Кочоска. 

Во однос на Планот за раст на регионот, таа нагласи дека Министерството за финансии ја подготвило комплетната потребна документација и нашиот договор за Инструментот за раст и реформи е испратен до Европската комисија, по што сега се чека одговор дали е прифатлив во таква форма. 

Димитриеска-Кочоска посочи дека во Рамки на планот на раст земјава треба да добие над 50 милиони евра во форма на предфинансирање, но дека исплатата е одолговлечена затоа што Србија поставила дополнителни прашања во однос на нејзиниот договор. 

07.11.2024 - 17:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега