ЦУК: Итна акција за решавање на проблемот со одронот на потпорниот ѕид кај Детска клиника

 


Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов одржа координативна средба на тема „Загрозување по животот и здравјето на луѓето и по материјалните добра од подземните води, одрон и рушење на потпорно-оградниот ѕид на улица „Белградска“ кај ЈЗУ УК за детски болести - Скопје, информираат од неговиот кабинет.

На средбата во ЦУК, присуствувале сите поканети претставници од Министерство за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекциски совет, Министерство за внатрешни работи. Присутни биле и вработени во Центарот - државниот советник Драги Тарчуговски и колеги од Секторот за операции и координација на ЦУК, кои, се појаснува во соопштението, непосредно се ангажирани за конкретната проблематика за координација за решавање на опасноста.

На средбата биле разгледани материјали од досегашните активности и инспекциски наоди и се донеле неколку заклучоци.

- Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар, да започне со изградба на ограден - потпорен ѕид како привремено решение. Град Скопје да изработи динамика и да започне активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР - Скопје, со што би се редуцирало движењето на тешки товарни возила. Град Скопје ќе пристапи кон пресадување на дрвјата на трасата на улицата „Белградска“, истовремено, при активностите за изградбата на потпорниот - ограден ѕид од страна на Министерството за здравство. ЦУК да побара извештај од Министерството за животна средина и просторно планирање - водостопански инспектор за намената и состојбата на руиниран канал, каналски систем, на улицата. За трајно, долгорочно решавање на проблемот, Град Скопје е потребно, во координација со останатите надлежни институции, да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на што би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање, појаснуваат попладнево од ЦУК. 

31.10.2024 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега