Семејството на починатата родилка бара правда: Адвокатски тим од Куманово бесплатно ќе го застапува
Адвокатски тим од Куманово собира документација и бесплатно ќе го застапува семејството на родилката, која при породување почина во кумановската болница, соопштија на денешната прес-конференција од адвокатската канцеларија Георгиевски. Тие веќе поднеле барање до надлежните институции, Министерството за здравство, државниот санитарен и здравствен инспекторат, јавното обвинителство Куманово, МВР, матичен лекар.
-Нашите првични сознанија се дека навистина има лекарска грешка и затоа ќе најдеме и стручни лица кои тоа нешто ќе го потврдат. Од друга страна сметам дека е премногу рано да се излегува со какви било заклучоци во услови кога сите неонатолошки тестови и пренатални тестови кои биле извршени за време на бременоста не покажале апсолутно никаква аномалија ниту кај родилката ниту кај бебето. За изненадување е како може нешто во последните 36 часа толку да се искомплицира што ќе заврши со овој трагичен настан. Нашата адвокатска канцеларија се понуди бесплатно да го застапува семејството сметајќи дека во услови на оваа семејна трагедија им е потребна бесплатна правна помош и адвокатска канцеларија која ќе застане зад нив и бебето, изјави адвокатот Христијан Георгиевски.
Вчера пристигнала обемната медицинска документација која се разгледува и тимот ќе ангажира стручни лица кои ќе ја разгледуваат медицинската документација.
- Со оглед дека ние како правници не сме стручни за медицината ќе мора да ангажираме свои стручни лица, но тоа што го забележавме од документацијата, нема едногласност, има лица кои не ги потпишале овие извештаи од страна на медицинските установи. Тоа покажува дека сите тимови кои работеле во медицинските установи немаат едногласие во поглед на содржината на овие медицински документи. Тоа на нас ни е доволна индикација дека независно што имам целосна доверба во нашиот судски систем, сметам дека нашата паралелна истражна постапка ќе даде сосема други резултати. Во ОЈО Куманово веќе се води постапка, додава Георгиевски.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, претходно на прес-конференција (14 октомври 2024 ) информираше дека е извршен стручен надзор инициран од Министерството, посочувајќи дека извештаите ги подготвиле професионални, компетентни специјалисти од соодветните области, со цел детално да се анализира севкупниот тек на лекувањето и третманот. Комисиите извршиле увид во целокупната медицинска документација, разговори со сите членови на здравствените тимови, кои биле вклучени во лекувањето. Тој соопшти дека во делот на системски недостатоци, констатирано е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман.
Министерот информираше дека бил извршен стручен надзор во ОБ – Куманово, каде се констатирани одредени административно-технички недостатоци.
-Но,заклучок од Комисијата е дека – недостатоците не може да бидат директна или индиректна причина за акутното влошување на општата здравствена состојба на пациентката, исходот по новороденчето и смртниот исход на родилката. Исто така, Комисијата не констатираше пропусти во ниту еден аспект на пренаталниот менаџмент на пациентката од одговорните доктори во приватната здравствена установа по гинекологија и акушерство, каде била следена бременоста, соопшти министерот.
Тој нагласи дека комисијата не констатирала никакви суштински пропусти и во амбулантското следење на пациентката, во рамки на пренаталните прегледи во ОБ – Куманово.
-Не се утврдени суштински пропусти ниту кај гинеколошкиот тим во текот на перипарталниот третман на пациентката, односно констатирано е дека тимот постапувал согласно постојните упатства и перинатолошки стандарди, подвлече Таравари на неодамнешната прес-конференција.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на 1 октомври изврши вонреден инспекциски надзор во Кумановската општа болница за случајот со починатата родилка. Триесет и едногодишната родилка, која почина во општата болница при породување била во добра здравствена состојба и редовно се прегледувала кај матичниот гинеколог, покажа вонредниот инспекциски надзор. Надзорот кај матичниот гинеколог покажал дека родилката навремено се јавувала во текот на бременоста, правела редовни контроли, била во добра здравствена состојба при втора уредно контролирана бременост и немало отстапувања.Триесет и едногодишна родилка од Куманово почина на 27 септември годинава при породување во кумановската општа болница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа