Инспекторите тресеа 150 продавници: Тие што продаваат скап прибор, ќе бидат казнети до 10.000 евра
Од донесување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, односно за училишен прибор, извршени се над 150 надзори кои се во тек заради обемната документација и анализа. Притоа се констатирани неправилности кај три правни субјекти, соопшти Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Според ДПИ, еден од правните субјекти е трговец на големо, казнет со над 452 000 денари поради непочитување на Одлуката и со уште над 200 000 денари поради неводење трговска евиденција.
Казнети се и двајца трговци на мало (голем и мал правен субјект). За големиот правен субјект е издадена глоба од над 452 000 денари за непочитување на Одлуката, а кај малиот правен субјект се изречени глоби заради непочитување на Одлуката во вредност од над 105 000 денари и по Закон за заштита на потрошувачиуте во вредност од над 76 000 денари.
Надзорите се прават низ цела територија на Северна Македонија. Казните изнесуваат од 800 до 10000 евра во зависност од големината на правниот субјект и се одредуваат во согласност со Законот за трговија.
Апелираме до трговците да ја почитуваат Одлуката и најитно да ги прилагодат цените. Надзорите ќе продолжат и инспекторите ќе бидат на терен се додека трае Одлуката. Пријава до пазарниот инспекторат може да поднесете на 191 или www.dpi.gov.mk.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа