Митева: Зошто Филипче не ги пријавил петте стана во Скопје, уште кога станал министер, ДКСК да отвори предмет
СДС и Филипче молчат повеќе од 48 часа за 5 стана на Венко Филипче во Скопје, кои сега 6 години откако првпат стана функционер пријавува дека ги поседува, а со нив се стекнал пред воопшто да влезе во политика, истакна портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Загрижува молкот и од надлежните институции. Доволно е да се погледнат двата анкетни листови на Филипче од 2018 и 2024, и ќе се дојде до едноставен заклучок дека имотот кој го поседува сега е стекнат пред 2018, но тоа не го пријавил кога станал министер. Уште пофрапантно е што пак имотот кој го пријавил во 2018 година не го пријавил сега, а ниту пријавил остварени приходи од продажба.
Апелираме ДКСК веднаш да отвори предмет и ЈО да поведе постапка за Филипче“, вели Митева.
Според неа, недвижниот имот кој Филипче го пријавил во 2018, а сега го нема е над 600.000 евра.
„Каде е имотот, а ако го продал зошто не ги пријавил парите?
Недвижниот имот кој Филипче пак го пријавил во 2024 година, а потенцираме е стекнат пред 2018 година, согласно достапните информации може да се процени на над 700.000 евра.
Дали Венко Филипче криел имот и притоа заборавил што пријавил во 2018 година? Колку уште имот крие Венко Филипче? Ако се собере вредноста на недвижниот имот на Филипче од 2018 и 2024 година се доаѓа до сума од над 1.3 милиони евра“, нагласува таа.
Додава дека институциите не смеат да останат неми. Филипче и СДС наместо да молчат, како што вели Митева, треба да почнат да даваат одговори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа