Завршува санацијата на главниот водовод, за неколку часа сите во Скопје ќе имаат нормално водоснабдување

 

Во завршна фаза се активностите за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод, информираа од ЈП „Водовод и канализација“.

„Акцијата започна денес на 21ви Декември сабота во раните утрински часови кога сите екипи на Секторите ЕОК, Механизација и Водовод отпочнаа со празнење на магистралниот водовод на предвидените локации. Операција се движи во рамки на предвиденото и очекувано е да заврши во предвидениот рок со вкупно време од помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод. Полнењето веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа“, велат од претпријатието.

Со оваа модернизација се подобрува водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби на вода.

Со затворање на Главниот Градски цевковод Ф1600мм по должина на линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со ул. Никола Парапунов завршени се следните интервенции:

-По должина на траса по Партизанска од кружен тек Ѓорче Петров до хотел Карпош каде се променети 5 воздушни вентили и 5 затварачи за истите на Ф200 поврзани на цевководот Ф1600
-Реконструиран е затварач Ф700 на бул. Партизански одреди со ул. Никола Парапунов
-Променет е затварачот на Ф400 на кружниот тек Порта Влае
-Реконструиран е затварач Ф600 на мостот Обединети Нации
-Реконструиран е затварач Ф500 на ул. Никола Парапунов

Во овој момент во фаза на завршување е последната постапката за реконструкција на затварач Ф700 на ул. Никола Парапунов, која се изведува независно од останатите и за која не е неопходно затворање на главниот довод.

Согласно Оперативниот План за санација на затварачите на градска водоводна линија Ф1600мм, Сектор Водовод со ангажирани повеќе од 160 стручно вработени меѓу кои ВКВ водоинсталатери, инженери, оперстори и возачи на специјални возила, ВКВ автомеханичари, ВКВ машинобравари, ВКВ механичари, ВКВ електричари, работници за дијагностика на дефекти и техничари кои ка вршат работата на терен и уште толку административни лица заедно со директорот ги подготовија и завршуваат согласно планот за постапување со механизација, алат и пумпи.

„Во време кога половина населени места во Македонија токму поради ненавремена санација на водоводите со денови и недели граѓаните немаат вода, а особено во летните месеци, нашиот тим на ЈП Водовод и Канализација Скопје согласно сложен детален оперативен план, успешно го решава еден од критичните децениски проблеми со кој воедно се подобрува водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби на вода.

Голема благодарност до сите вработени на ЈП Водовод и Канализација Скопје кои беа вклучени во овој зафат, кои денес максимални напори и труд вложуваат овој децениски проблем со загуби на вода и дефекти да се заврши и реши.

Апелираме до сите јавни чинители да ги поддржат нашите вработени во оваа исклучително тешка акција која бара високо ниво на стручност и техничка подготвеност, а воедно и до јавноста да не потпаѓа под изнесувањето информации од нестручни лица со цел да се предизвика страв и паника кај граѓаните. За сите прашања во врска со статусот на операцијата Водовод и Канализација Скопје ќе бидат достапни за одговори во текот на целото времетраење на санацијата“, стои во соопштението од јавното претпријатие.

Институт за јавно здравје издаде препораки во насока за тоа кои чекори треба да се преземат одкако водата ќе биде пуштена.

„Имајќи предвид дека е најавен прекин на водоснабдувањето, населението треба да биде запознаено и информирано дека ризиците по здравјето на населението може да се јават не само за време на недостатокот на вода туку, дури и да се зголемат после пуштањето на водата за пиење во водоводната мрежа односно по отстранување на дефектот“, велат од ИЈЗ.

Оттаму, како превентивни јавно-здравствени мерки и мерки на внимателност препорачуваат:

–  Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата (време потребно резидуалниот хлор да почне да делува врз микробиомот присутен во водата), во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час;

– Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела (ситни зрнца песок или инсект и сл.). Во таков случај, повторно се препорачува истата да не се пие сè до момент на стабилизација на тие органолептички својства (боја, мирис, вкус, заматеност);

– Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие;

– По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет);

– Како дополнителна мерка на внимателност се препорачува, доколку граѓаните сепак одлучат веднаш да ја пијат водата, истата да се преврие многу кратко (1 -2 минути), потоа да се разлади и консумира;

– Граѓаните треба да имаат предвид дека превриената вода го губи благопријатниот вкус. Истиот може да се подобри доколку водата се претура од една во друга чаша неколку пати, со цел да врзе повеќе кислород од воздухот (процес наречен аерација);

– Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација;

– Во однос на водата за капење, препорачуваме после доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите (во кујна, бања и сл.), со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежата;

– Најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 степени, сепак потребна е мерка на внимателност да не дојде до изгореници особено кај мали деца или повозрасни лица

 
21.12.2024 - 12:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега