Египет ги извести Израел и Иран дека нема да биде дел од ескалацијата во регионот

 

Египет ги известил Израел и Иран дека нема да биде дел од процесот на ескалација во регионот по атентатот на политичкиот лидер на палестинското движење Хамас, Исмаил Ханија, објави катарскиот весник „Ал Араби ал Џадед“.

Каиро го информираше Техеран дека ќе го затвори својот воздушен простор за секоја воена акција што би ја загрозила регионалната безбедност и дека оваа мерка не треба да се гледа како непријателски однос кон Иран, туку како начин за заштита на интересите и суверенитетот на Египет.

Египетските власти, исто така, потврдија на високата израелска делегација што го посети Каиро во саботата на индиректни разговори со американските и египетските преговарачи дека земјата нема да биде дел од регионалната воена коалиција за да се запре потенцијалната иранска одмазда против Израел.

Во април оваа година првиот директен напад на Иран врз Израел со околу триста беспилотни летала и проектили беше одбиен од коалиција со помош на САД, сојузничките земји како Франција и Велика Британија, но и Јордан и Саудиска Арабија. Иранскиот напад беше одговор на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск во кој беа убиени високи членови на Корпусот на гардата на Исламската револуција на Иран.

05.08.2024 - 18:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега