Кузеска: Фијаско на замрзнатите маржи - мерката заврши а граѓаните не ја ни почуствуваа дека постоеше
Сведоци сме на уште едно разочарување од страна на Владата на Мицкоски. Со голема помпа најавената мерка за замрзнување на маржите требаше да биде спасот за граѓаните од виоките цени, изјави на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Мерката заврши а граѓаните не ја ни почуствуваа дека постоеше, рече Кузеска.
„После еден месец од примената на оваа мерка, граѓаните почувствуваа само разочарување. Синдикалната кошничка се намали за симболични 57 денари - толку се „заштедило“ за еден месец. По ова легитимно е прашањето, дали ова е сериозна економска политика или само замајување на јавноста?
Цените во маркетите за најголемиот дел од производите останаа исти. Неколку производи се намалија за незначителни суми, но тоа граѓаните не го почувствуваа. Ова не е случајност, неефикасната мерка е последица на лошото и непромислено работење на Владата.
Мерката не беше добро подготвена, а Владата им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред нејзиното стапување во сила“, посочи Кузеска.
Кузеска нагласи дека нереалните трошоци кои ги имаат граѓаните заради слабите политики на Владата и нереалните цени се товар семејствата и родителите секој ден.
„Просечната плата, наместо да расте, се намали за 1.000 денари, а четиричлено семејство има потреба од најмалку 61.249 денари за основните потреби.
Граѓаните се принудени да одбираат - дали да купат основни прехранбени производи или да ги платат сметките? Секој ден е битка за достоинствен живот, а оваа Влада не понуди никакво решение, ниту план.
Граѓаните заслужуваат стабилност и поддршка во овие тешки времиња.
Затоа, поднесовме Закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но Владата го одби. Одбивањето на оваа мерка е истовремено одбивање на пристоен живот за илјадници наши сограѓани. Ќе продолжиме со нашата борба и повторно ќе го поднесеме Законот, затоа што подобриот животен стандард не е луксуз - тоа е право на секој граѓанин.
Сега, кога Владата покажа дека нема ниту стратегија, ниту волја да ги реши овие горливи проблеми, СДСМ најавува дека ќе поднесеме закон за вистинско намалување на цените. Ова нема да биде уште една мерка за „мачкање очи“ - ова ќе биде вистинска и реална мерка за намалување на цените. Нема да дозволиме нашите граѓани да бидат жртви на празни ветувања и политички манипулации“, истакна Кузеска.
Кузеска потенцираше дека секој човек е важен - секој родител кој се труди да ги нахрани своите деца, секој млад кој сака да остане во земјата и да гради своја иднина тука, секој пензионер кој треба да ужива во плодовите на својата работа.
„Граѓаните заслужуваат Влада која ќе работи за нив, која ќе покаже одговорност и посветеност. СДСМ е тука за секој од вас, и нема да запреме додека не обезбедиме подобар живот за сите“, рече Кузеска.
01.11.2024 - 11:34
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа