Чупеска: Мицкоски сака да биде истражител и обвинител - тоа е недемократски
Потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во вестите на Сител телевизија истакна дека партиските упади на власта и заканите на премиерот Мицкоски се дел од логиката на економска пропагандната програма што ја пласира премиерот и во некои ситуации излегува многу далеку од своите овластувања, па не ретко се случува да биде и обвинител и истражител и министер за внатрешни, а тоа е спротивно на сите елементарни аспекти врзани за демократијата.
-Во една демократија се знае што е законодавна, што извршна, а што судска власт. Тенденциите за спојување на властите во една и концентрација на моќ каква што е премиерската, тука не зборувам за Мицкоски, туку за институцијата што ја води Мицкоски, не би смеело да си дозволува такви излети. Во спротивно ќе имаме оправдан впечаток или дека станува збор за елементарна неспособност и непознавање на основните постулати на демократијата или второ дека има јасни тенденции за упад во сите институции, нагласи Чупеска.
Таа додаде дека веќе има јасни и многу прецизни индиции за узурпација на сите три клучни полуги на власта, дека постојат сериозни индиции дека имаме прв степен на упад во институциите.
-Во законодавниот дом Деловникот се прави партал, се прекршува. Сега има една друга тенденција преку авторитарен процедурализам поточно инструментот толкување на законите, што е во надлежност на Собранието, да се употребува за индукција на сосема нови закони, во спротивност со самиот закон, којшто е предмет на толкување. На пример за законот за надворешни работи, со толкувањето се суспендираат важни елементи од самиот закон, па така нелегална работа станува легална, посочи Чупеска, додавајќи дека тие трикови на авторитарен процедурализам се пренесуваат на секое ниво.
Потпретседателката Чупеска нагласи дека во судскиот совет се ставени сопруг и братучед на највисоки функционери, а од власта ја користат секоја прилика за индиректно заплашување на судството.
-Во извршната власт има најмногу примери, но оние што се многу сериозни што ја тангираат безбедноста на државата, ги доведуваат во прашање нашите стратешки релации со НАТО, особено и со ЕУ, се скандал од невидени размери врзан за Бојан Христовски и тенденцијата да се спојат службите. Има еден тон работи кои потврдуваат неспособност и некадарност да се управува со државниот апарат, рече потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во вестите на Сител телевизија.
18.12.2024 - 21:31
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа