Венеција воведува ново правило за туристите
Властите во Венеција планираат да го ограничат бројот на луѓе во туристичките групи на максимум 25, во најновиот обид да го намалат влијанието на гужвата врз начинот на живот на градот.
Локалните власти ќе забранат и користење на преносни звучници од туристичките водичи со цел „да се гарантира мирот на жителите на градот“ и да се овозможи послободно движење на пешаците.
Казни од 25 до 500 евра ќе бидат воведени за сите оние кои нема да ги почитуваат новите мерки кои првично требаше да стапат на сила на почетокот на јуни, а беа одложени за почетокот на август. Најновите ограничувања ќе важат за центарот на Венеција и островите Мурано, Бурано и Торчело.
Во април, Венеција стана првиот град во светот кој воведе специјален систем за плаќање за посетителите што влегуваат во центарот на градот, како дел од експериментот чија цел е да ги одврати дневните патници да доаѓаат таму во време на шпиц. Пилот програмата, чија реализација будно ја следат и другите европски туристички дестинации, траеше само 29 дена.
Заврши во јули, но го отвори патот за период на консултации по што ќе се одлучи како овој проект да продолжи во иднина.
Треба да се напомене дека во случај на туристички групи постојат бројни исклучоци од правилото, пренесуваат медиумите во регионот. На пример, како што стои во написите, децата до две години не се бројат, а ограничувањата не важат за учениците и студентите кои пристигнуваат во Венеција во образовна посета или се на студиско патување, истакнува Ројтерс.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа