Грција бележи голем пораст на бројот на заразени од ковид

 

Во последните 20 дена, бројот на заболени од коронавирусот во Грција значително се зголемил, објавија грчките здравствени власти, а Националната јавно здравствена организација доделува бесплатни тестови.

Упатено е итно предупредување до туристите од Велика Британија кои одат во Грција токму поради ширењето на новиот вид на Ковид наречен „FLiRT“.

Предупредувањето беше издадено откако грчките власти забележаа зголемување на бројот на пациенти за 44 отсто, поради што болниците во Атина повторно го воведоа задолжителното носење заштитни маски. Некои болници, покрај задолжителното носење маски, воведоа и задолжително тестирање на посетителите.

Се наведува дека оние кои се подложни на заразни болести како што е коронавирусот, особено постарите, треба да бидат внимателни и брзо да реагираат на првите симптоми на зараза.

Вчера заседаваше Здравствениот одбор, а претседателот Горгос Патулис изјави дека има голем пораст на случаите во однос на истиот период лани. Тој предупреди дека сезоната на годишни одмори е особено чувствителен период поради големиот број луѓе кои доаѓаат во земјава.

Бугарија, која граничи со Грција, исто така издаде предупредување до оние што планираат да одат на одмор на југ.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно објави дека Ковидот не е победен и дека околу 1.700 луѓе умираат од овој вирус секоја недела во светот.

24.07.2024 - 21:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега