Ристовски: Нема да дозволиме политиката да се меша во спортот
Ќе направиме комплетна инспекција на спортските сали во Прилеп, кој стопанисува со нив и какви се имотно-правните односи и нема да дозволиме политиката да се меша во спортот, изјави минисгерот за спорт Борко Ристовски при денешната посета на Универзалната сала во Прилеп.
Неговата посета е на покана и петиција од градот со која се бара во Прилеп да функционира спортска сала, зашто со години е тоа невозможно.
Ристовски ја посети Универзалната сала во Прилеп и рече дека за брзо ќе се разгледа документацијата за да се разрешат проблемите и да се стави во функција до почетокот на спортската сезона во септември-октомври месец.
-Од она што можевме да го видиме во инспекцијата на самиот терен во Универзалната сала во Прилеп, прво, ќе добиеме извештај и во најбрз можен рок ќе дадеме на испитување делови од спортската сала. Според првичните сознанија, нема некои големи градежни работи кои треба да се направат за салата да биде функционална, и се гледа дека причините за затворање на спортските сали во Прилеп повеќе биле политички, отколку спортски. Најавив дека во Министерството нема да внесуваме политика. И Министерството ќе служи како пријател на сите спортови. По направената анализа и испитувањата, во најбрз можен рок, ќе ги решиме правно-имотните проблеми што ги има оваа сала и верувам до почетокот на сезоната, септември-октомври, ќе биде решен и овој проблем. Ќе бидат потребни мали реновирања за оваа сала да биде функционална, изјави министерот за спорт Борко Ристовски.
Што се однесува до салата „Македонија“ до Паркот на револуцијата, и таму ќе се решаваат имотно-правните проблеми.
-Најпрво ќе ги провериме сите закупувачи на просторот во салата „Македонија“ во Прилеп. Ако имаме време ќе направиме и таму првична инспекција. Ќе се потрудиме во најбрз можен рок да ги провериме сите договори за закуп. Едно е јасно, нема да дозволиме кој било да стопнисува со овие објекти ако е незаконски, рече Ристовски при денешната посета на спортските сали во Прилеп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа