ОН го осудија руското попречување на сателити во Европа

 

ОН ја осудија руското попречување на работата на сателитските системи во европските земји и ја повикаа Москва да престане со тоа, се вели во документ објавен денеска.

Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) минатата недела разгледала серија жалби од Украина и четири европски земји, Франција, Холандија, Шведска и Луксембург, за попречувањето на сателитите во последните месеци.

Во тие инциденти биле попречувани GPS сигналите, загрозена контролата на воздушниот сообраќај и прекинувани детските телевизиски канали за да се прикажуваат насилни сцени од војната во Украина.

Комитетот за радиорегулативи на ITU изрази „сериозна загриженост“ за „намерното“ попречување на сигналите и оцени дека тоа е „многу загрижувачко и неприфатливо“.

Интерференцијата со француските и шведските сателитски мрежи „изгледа дека потекнува од копнени станици лоцирани во подрачјето на Москва, Калининград и Павловка“, се вели во соопштението.

Комитетот побара од Русија веднаш да престане со тоа и да ги истражи инцидентите. Исто така, побара состанок на погодените земји и Русија за да се реши кризата и да се спречи повторување.

Москва, која негира дека ги крши правилата на ITU, исто така се пожали дека членките на НАТО ги попречуваат нејзините сателити, но ITU не се занимаваше со тоа на состанокот минатата недела од непознати причини. ITU, кој има 193 држави членки и седиште во Женева, е одговорен за регулација и координација на глобалните сателитски системи.

01.07.2024 - 20:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега