Меџити на средба со Агелер: Потребни се реформи во правосудниот систем
Министерот за животна средина и просторно планирање и прв заменик на Претседателот на Владата и на Република Северна Македонија, Изет Меџити оствари средба со амбасадорката на САД во нашата држава Ангела Агелер.
На средбата Меџити ги истакна клучните приоритети и стратешки определби на новата Влада и упати уверување до амбасадорката Агелер дека како владеачко мнозинство, Владата останува и понатаму максимално посветена на продлабочување на меѓусебните односи со најголемиот стратешки партнер и силен сојузник – Соединетите Американски Држави, а дека евроатлантската определба и полноправното членство во Европската Унија остануваат врвен приоритет.
Како прв Заменик на Претседателот на Владата на средбата, Меџити изрази искрена благодарност за поддршката и безрезервната помош што САД во континуитет ја пружаат во насока на реформирање на институциите и зацврстување на демократските капацитети и демократскиот амбиент во нашата држава. Заеднички беше ставот дека се потребни резултати во борбата против политичката корупција која е навлезена длабоко во порите на многу институции. Испораката на правдата мора да биде неселективна и согласно највисоките стандарди на владеење на правото. За да се случи ова, потребни се реформи во правосудниот систем и Владата е решителна оваа борба да ја спроведе до крај.
Двете страни се согласија дека прашањето на политичкиот легитимитет на новата Влада е затворено прашање. Периодот пред што предстои ќе биде искористен за спроведување на успешна транзиција и консолидирање на институциите во државата. Во овој процес од исклучително значење е поддршката на меѓународните партнери, пред се` на Соединетите Американски Држави.
Од позиција на министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, ја информираше амбасадорката Агелер за клучните приоритети на Министерството во насока на безкомпромисната борба со загадувачите на амбиенталниот воздух, согласно највисоките европски стандарди и во рамки на планот за чист воздух. Тој изрази уверување дека заеднички ќе се посветиме на градење на обновливи извори на енергија кои што ќе обезбедат повисоки еколошки стандарди и дека како млада држава, имаме потреба од добри искуства и споделување и размена на знаења, а дека поддршката и помошта од страна на САД во нашите напори за подобрување на државните политики за обезбедување здрава животна средина е повеќе од добредојдена.
Меџити уште еднаш искажа уверување до нашиот стратешки партнер дека високо ги цениме сите досегашни инвестиции од САД, како економски, така и во насока на подигање на капацитетот на институциите и општествениот демократски развој.
„Остануваме сигурен гарант дека Република Северна Македонија ќе остане на стратешкиот курс“, истакна Меџити.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа