Мицотакис со порака до Скопје: Не почнавте добро, престанете да правите сметка без крчмарот

 

Порака и предупредување до Скопје и Тирана испрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на состанокот на пратеничката група на Нова демократија, велејќи дека „прават сметка без крчмарот“, јави дописничката на МИА од Атина.

За нашата земја, односно како што рече за северните соседи, Мицотакис посочи дека има прекршување на меѓународното право и обврските од меѓународните договори, а индиректно упати критики и до опозициската СИРИЗА.

-Во однос на оние кои и денес на различни настани и конференции продолжуваат да го величаат договорот што има многу проблеми, нека го видат актуелното однесување на Скопје, во актуелното однесување на Скопје нека ги видат нивните проблематични експерименти. Тоа се стапици за кои одовде од говорницата имавме предупредено. Како што и сега ги предупредуваме нашите северни соседи со едноставни и јасни зборови: Не почнавте добро, прекршувајќи го и меѓународното право и вашите обврски што произлегуваат од меѓународни договори. Престанете да правите сметка, без крчмарот, рече Мицотакис нешто што беше проследено од аплауз од пратениците на Нова демократија, а во продолжение додаде дека ова важи и за Албанија, по вчерашната одлуката на судот за затворската казна за Фреди Белери.

На односите со нашата земја се осврна и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за синоќешното централно издание на вестите на кипарската телевизија „Антена“, кога ги повтори грчките позиции. 

Одговори на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој во интервјуто за ТВ 24, во понеделникот коментирајќи ги ставовите на Герапетритис рече дека „човекот или не го разбира Преспанскиот договор или погрешно го чита“.

-Името на соседната земја е Северна Македонија за севкупна употреба ерга омнес и во внатрешноста и надвор. Очигледно е дека е вон реалноста, вон логиката и вон меѓународното право, личностите кои имаат јавни позиции, во својот јавен говор да користат друго име од она што е предвидено во меѓународното право и националниот Устав. Па така, во овој случај добро би било, бидејќи ова очигледно е поврзано со патот на Северна Македонија кон европското семејство, да се почитуваат договорите, да се почитува владеењето на правото и пред сè да се почитува Уставот на самата земја, рече шефот на грчката дипломатија. 

26.06.2024 - 12:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега