Почина прим. д-р Илија Антоновски, еден од основоположниците на современата медицинска биохемија во Македонија
По кратко боледување почина примариус д-р Илија Антоновски, еден од основоположниците на современата медицинска биохемија во Македонија. Антоновски беше роден во 1942 година во Прилеп. Високото образование го имаше стекнато на Медицинскиот факултет во Белград, како првенец на генерацијата. Тој беше вториот лекар во Македонија што по ослободувањето има остварено специјализација по медицинска биохемија.
По стекнатото искуство ширум просторите на поранешна Југославија, Антоновски во целост се имаше посветено на здравствениот систем во Македонија, остварувајќи значаен придонес во развивањето на современата медицинска биохемија со примена на современите методи во македонското здравство. Најголемиот дел од работниот век, по сопствена желба, д-р Антоновски го мина во родниот град каде што долг период беше и раководител на лабораторијата на Медицинскиот центар. Потоа, во самостојна Македонија, Антоновски беше основач, сопственик и раководител на една од првите приватни медицински установи во државата – „Медика“, воедно една и од првите приватни установи што овозможуваа здравствени услуги со договор со Фондот за здравствeно осигурување.
Д-р Антоновски е автор на голем број научни и стручни трудови, како и на учебници од областа на медицинската биохемија. Беше и професор во средното медицинско училиште во Прилеп.
Тој беше член на Македонското лекарско друштво, при што во текот на работниот век особено се залагаше за активностите во неговиот роден град – Прилеп.
Погребот на д-р Антоновски е закажан за утре, 22 јуни 2024 година (сабота), во Прилеп. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на новите градски гробишта во Прилеп, од 9:30 до 10:30 часот, а погребот ќе започне во 10:30 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа