Бајден потпиша закон: Забранет увозот на збогатен ураниум од Русија
Американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша закон со кој се забранува увоз на збогатен ураниум или нуклеарно гориво за производство на електрична енергија во нуклеарните централи во Соединетите Американски Држави од Русија.
Оваа забрана за нуклеарно гориво ќе стапи на сила за околу 90 дена, но на Министерството за енергетика на САД му е дозволено да одобри исклучоци до 2027 година, во случај да има загриженост за недостиг на гориво, пренесува Ројтерс.
Нацрт-законот, исто така, дозволува 2,7 милијарди долари за финансирање на изградбата на американската индустрија за нуклеарно гориво, чии 24 отсто од збогатениот ураниум што се користи во нуклеарните централи доаѓа од Русија.
„Претседателот Бајден озакони историска серија на капацитети кои ќе ја зајакнат енергетската и економската безбедност на нашата земја со намалување и на крајот елиминирање на нашата зависност од Русија“, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.
Тој потсети дека станува збор за закон со кој се исполнуваат мултилатералните цели што САД ги истакнаа во декември минатата година со Канада, Франција, Јапонија и Велика Британија со заедничка инвестиција од 4,2 милијарди долари за зголемување на капацитетот на овие земји во користењето ураниум.
Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, оцени дека овој закон ќе создаде шокови во меѓународната економија, но дека нема да ги донесе посакуваните резултати.
„Ќе биде нарушена деликатната рамнотежа меѓу извозниците и увозниците на ураниум. Животот потврди дека руската економија е подготвена за какви било предизвици и дека брзо реагира на тешкотиите, дури и извлекувајќи профит. Така ќе биде и овојпат“, пишуваат од руската амбасада на каналот Телеграм.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа