Апсења по погребот на Навални, присутните со извици: „Путин е убиец“

 

Голем број Руси го скандираа името на Алексеј Навални додека лидерот на опозицијата беше погребан денеска во Москва и им порачаа на властите дека нема да им простат за неговата смрт.

Мајката на Алексеј, Људмила и таткото Анатолиј, се наведнаа над отворениот ковчег и го бакнаа за последен пат, придружувани од звуците на мала група музичари.

Јулија Навална, вдовицата на лидерот на опозицијата, му оддаде почит на својот сопруг на X мрежата, заблагодарувајќи му се за „26 години апсолутна среќа“. „Не знам како да живеам без тебе, но ќе дадам се од себе за да те направам горе среќен и горд на мене. Не знам дали ќе успеам, но ќе се обидам“, напиша Навална, која е надвор од Русија.

Присутните држеа цвеќе во рацете, а некои скандираа: „Русија ќе биде слободна“, „Не за војна“, „Русија без Путин“, „Нема да простиме“ и „Путин е убиец“. Не многу долго откако ковчегот со телото на Навални беше спуштен во земја, во Москва започнаа првите апсења. Мета на полицијата беа луѓето кои скандираа против Путин и војната во Украина, пренесуваат медиумите во регионот.

Најмалку 45 лица се уапсени по погребот на Алексеј Навални во Москва, јавува руската група за човекови права „ОВД инфо“.

„Во сибирскиот град Новосибирск беа уапсени 18 лица, меѓу кои и еден локален претставник. Десет од нив беа приведени во градот Екатеринбург на Урал, а други 10 во регионот Воронеж. Шест лица се приведени во Москва, меѓу кои и опозициски политичар“, пишува „ОВД инфо“.

Во моментите кога Навални го спуштале во неговото вечно почивалиште свирела музика од холивудскиот филм Терминатор 2. Познато е дека тоа му бил омилен филм, според написите во медиумите.

И додека во Москва се одржуваше погребот на Алексеј Навални, не многу далеку, Владимир Путин претседаваше со состанокот на рускиот Совет за национална безбедност каде што не го спомна својот најжесток критичар.

Путин го искористи состанокот за да ги отфрли неодамнешните извештаи од Америка, дека Русија развива вселенско антисателитско нуклеарно оружје. Тој предупреди дека „неутрализирачките закани што може да се појават за Русите во вселенската сфера треба да останат приоритет за Москва“.

Рускиот претседател претходно изјави дека е категорично против распоредувањето нуклеарно оружје во вселената.

01.03.2024 - 18:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега