Бремените и лицата над 60 години да не одат на работа - ова се владините мерки за заштита од загадувањето

Стапуваат во сила владините мерки за големата загаденост на воздухот. Со одлука на Владата од денеска се до 21 декември бремените жени и лицата над 60 години во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион ќе бидат ослободени од работа, а се препорачува и работниците да не работат на отворено. Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта во деновите до сабота да не изведуваат активности на отворено.

Како што информираше владиниот потпарол Александар Ѓорѓиев ова се само дел од мерките кои Владата ги донесе поради загадувањето на воздухот. Ѓоргиев информираше дека во наредниот период сите медицински и здравствени установи ќе бидат подготвени да примаат евентуален зголемен број пациенти.

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми посочи дека се препорачува во Градот Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово да се пренасочи движењето на товарни возила од периодот од 7:00 до 19:00 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата. Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови. Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат и мијат улиците.

- Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги пренасочува товарните моторни возила чија крајна дестинација не е Градот Скопје преку обиколницата на Градот Скопје. Се препорачува на Градот Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево, интензивно да ги чистат улиците особено околу градилиштата, изјави Адеми.

Адеми истакна дека според мерењата што се извршени во изминативе неколку денови најголемо загадување во овие региони е забележано во периодите од 7:30 до 11:00 часот  и од 17:00 до 21:00 часот.

- Според нашите податоци добиени од автоматскиот мониторинг систем за следење на квалитетот на воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Кичево неколку дена има надминување на секојдневната гранична вредност, меѓутоа надминувањето на среднодневната гранична вредност не е во текот на целиот период на денот туку во одредени периоди и тоа од 7:30 до 11:00 и од 17:00 до 21:00 часот, изјави Адеми. Додаде дека во овие временски интервали загадувањето во овие четири региони било неколку пати помало.     

Министерството и општините се задолжени од Владата да изработат план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот, а онаму каде има индикации дека квалитетот на воздух се влошува да изработат исто вакви планови. Мерење на квалитетот на воздухот ќе се врши со мобилни апарати и во општините каде што тоа сега не се прави.

- Се задолжува Министерството за животна средина да предложи измени на Законот за квалитет на воздух со кои ќе се предвиди казна за одговорните лица во институцијата која е задолжена да подготви план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот во соодветната единица на локална самоуправа, изјави Адеми потенцирајќи дека ова се краткорочни мерки.  

18.12.2013 - 09:13
Фото: 
либертас

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега