Пред да се распишат изборите, 1.117 вработени хонорарци ќе добијат трајни вработувања

 

Завршено е аплицирањето за 1.117 трајни вработувања во здравствените установи, чија првична цел беше трајни вработувања да добијат лицата што со години работат со договори на дело. Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека даваат максимални напори за вработувањата да станат реалност пред да се распишат изборите.

„Јас не сум правник, јас сум лекар, но ги консултирав службите. Знаете како се изборивме пред Нова година за луѓето вработени на договор на дело. Беше веќе крајно време да добијат вработување. Вчера ми најавија дека целокупниот број од 1.117 апликации се завршени во јавните здравствени установи, поднесени се во Министерството за здравство. Сега ние треба да добиеме согласност од Финансии. Ние денес со невидена брзина ќе ги добиеме тие согласности од Министерството за финансии, од Министерството за информатичко општество и од Фондот за здравствено осигурување. Навистина макотрпно работиме и даваме крајни напори за тоа да биде реалност пред да се распишат изборите. Јас до крај ќе се изборам за ова да биде реалност“, рече денес министерот Меџити по отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки при Универзитетската клиника за хематологија.

Тој признава дека пропусти се можни оти законот дозволува на огласите да се јават сите, не само лицата што веќе работат со договор на дело.

„На прашањето дали ќе има пропусти, реков – да, затоа што законот дозволува сите да конкурираат. Ова не е доволен број вработувања, ние знаеме дека со договор на дело се над 2.000 лица, но да ублажиме сега, да амортизираме. Не значи дека ќе сопреме тука, уште подинамично ќе продолжиме во наредниот период. Правиме максимални напори во рамките на законот да ги скратиме овие процедури, но тоа ќе видиме допрва како ќе оди. Тоа не зависи од мене. Тоа што зависеше од мене, вие сте сведоци како се изборивме да го добиеме. Се надевам дека ќе ги завршиме пред да распишеме избори“, рече министерот Меџити.

Иако преку низа протести здравствените работници бараа трајни вработувања за речиси 2.000 лица што работат со договор на дело, Владата со одлука минатиот месец одобри вработување на 1.117 лица медицински и технички кадар во здравствените установи во земјата. Министерот Меџити апелира менаџерите на сите чесни и вредни работници да им дадат предност оти имаат дискреционо право кому да му дадат решение за трајно вработување.

25.01.2024 - 13:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега