Антиќ со Олимпијакос повторно ја освои Евролигата
Втора година по ред, Перо Антиќ со неговиот клуб Олимпијакос се победници во елитната кошаркарска Евролига. До одбраната на титулата Антиќ и соиграчите стигнаа по синоќешната победа во финалето против Реал Мадрид со 100:88.
Слично на ланското финале против ЦСКА Москва и овојпат Олимпијакос имаше голема негатива од 17 поени по првата четвртина. Шпанците одлично шутираа од далечина за да поведат со 27:10.
Со влегувањето на Македонецот во игра, Олимпијакос почна да делува многу поконкретно и токму капитенот на нашата репрезентација со тројка ја почна серијата поени за својата екипа, за приближување на достижни четири поени (37:41) на полувремето.
Во вториот дел се истакна МВП на сезоната Василис Спанулис кој беше предводникот на тимот од Атина до одбрана на титулата.
Македонскиот репрезентативец во „О2 Арена“ во Лондон одигра 25 минути, постигна 10 поени и оствари шест скокови.
- Ова е неверојатно, овој тим е неверојатен. Со оваа хемија која ја имаме, можеме секого да победиме. Одбраната на трофејот во Евролигата значи историја и ние тоа го направивме заедно. Ова навистина не може да биде подобро. Требаше да направиме пресврт за да победиме и успеавме. Исто како лани. Се чувствувам перфектно, дури и посреќен сум од минатата година, изјави Антиќ за официјалната веб страница на Евролигата.
За Антиќ ове е втор шампионски трофеј во Евролигата, и двата како играч на Олимпијакос.
Тимот од Атина стана четвртиот тим кој успеал да освои два наслова Европски шампион во низа, а на „Фајнл Фор“ турнирите, прв по Макаби Тел Авив, на кого тоа му успеа во 2005 и 2006 година.