Дамева за пресудата на Управниот суд: Очекувам дека ова ќе биде и почетокот за враќање на довербата на граѓаните во судството
„Во 2023 година имаше непријатна состојба во Судскиот совет и јас се надевам дека 2024 година ќе биде година во која што сите членови на Судскиот совет поединечно и во состав на Судскиот совет ќе најдат начин да ја санираат таа состојба, односно да покажат дека можат да се движат по оној трасиран пат на Советот, исполнувајќи ги основните заложби“, изјави Весна Дамева, која повторно се врати на чело на Судскиот совет, откако Управниот суд со пресуда ја поништи одлуката за нејзиното разрешување.
Пресудата на Управниот суд, според Дамева, е првиот чекор напред, којшто влева надеж дека правдата е достижна.
„Длабоко се надевам и очекувам дека ова ќе биде и почетокот за враќање на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не може да ја почитуваат правдата. Јас сум за вистината без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата без разлика за кого е и против кого е“, рече Дамева.
Легитимитетот на Судскиот совет, според Дамева, не е донесен во прашање, бидеќи не сите заеднички ја донеле одлуката за нејзино разрешување и порача дека има законска постапка и начин како се разрешува во Судскиот совет.
„Секој член на Судски совет е подложен на разрешување, меѓутоа тоа значи законска спроведена постапка и начин утврден во закон“, изјави Дамева.
Актуелниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев поднесе оставка на функцијата на лично барање. Судскиот совет на итна седница го прифати барањето за оставка на претседателот Сашко Георгиев, а согласно пресудата на Управен суд, одлучи да ја врати на функција поранешната претседателка Весна Дамева, која беше разрешена во мај минатата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа