Министерката Петровска за МТВ: Државата е безбедна

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва гостуваше во Тема на денот во  централното издание на дневникот на МТВ каде се осврна на повеќе актуелни прашања за одбраната како безбедноста на Северна Македонија, модернизацијата и опремувањето, регионалната безбедност и македонскиот придонес во КФОР како и помошта за Украина.

„Денешната седница на Советот за безбедност го потврди она што изминатиот период го изјавувавме јас и останатите мои колеги, а тоа е дека Република Северна Македонија е безбедна земја и засега немаме лоцирано директна закана по нашата безбедност. Она што исто така се потврди на Советот е одличната координација која ја имаат безбедносно –разузнавачките служби во нашата држава, кои точно навремено ги споделуваат информациите кои пристигнуваат до нив по различни канали и од различни извори“, истакна министерката Петровска во однос на заклучоците од седницата на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски.

Министерката посочи дека се следи и ситуацијата во регионот, главно во Косово, каде со одлука на Владата пред две недели, наскоро ќе се зголеми македонскиот контингент за еден дополнителен вод.

„Засега Армијата има упатено два вода на војници кои се дел од мисијата на НАТО на Косово, КФОР. Пред две недели донесовме одлука дополнително да биде испратен уште еден вод на војници. Процедурата за нивен избор, селекција и воведна одлука е во тек и наскоро очекувам тие да бидат испратени. Ја следиме ситуацијата многу одблизу од два аспекти – прво заради тоа што сме земја сосед и иако директно не сме засегнати навистина сакаме и понатаму регионалниот мир и безбедност да бидат загарантирани“, рече министерката.

Во однос на поддршката за Украина Петровска информираше дека пристигнато е ново барање за донација на воена опрема, за кое Генералштабот во моментов прави анализи. Доколку се утврди дека со донирањето на опремата која се побарува нема да се влијае на борбената готовност, рече министерката, ќе се предложи и до Владата да донесе одлука за донација на нов пакет опрема.

За опремувањето на македонската Армија, министерката истакна дека анализата за набавка на дронови е готова и дека тие се планира да бидат употребени и за воени, но и за цивилни потреби.

„Како министерка за одбрана бев брифирана за потребата од воведување на систем за борба против дронови и беспилотни летала и секогаш армијата кога набавува еден вид на опрема која може да биде користена за двојна употреба, односно и во цивилни цели, правиме дополнителни анализи и за тоа. Повеќе од извесно е дека употребата на дроновите освен исклучително за воени цели ќе биде проширена и во делот на заштита на критичната инфраструктура, обезбедувањето на објекти кои се од особено значење на одбраната на државата, во превенцијата на пожари, и следење на мигрантските рути“, рече министерката и додаде дека секогаш целта е да бидеме ефикасни и економични во искористувањето на средствата во одбранбениот буџет.

01.11.2023 - 21:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега