Марјан Николовски: Играта се вика новинарство
Два дена гледам како новинари даваат отчет, како пред истражен судија, на обвинителна клупа, за професијата. Пратениците прашуваат, новинари одговараат. За некаква слобода на изразување, за притвори, за некаква презумција на невиност. Два дена слушам, гледам и чекам…. Чекам некој од моите колеги да ги праша пратениците, Каде? и Кога? се видел ваков циркус? Зошто некој бара од нив одговори за овие пршања? А, колегите мои, наместо да прашуваат, тие одговараат на прашања на пратеницте???? Едни се правдаат, други возбудени од занесот на важноста, што нели се нашле таму, живеат во филмот дека од нив почнува, а веројатно и завршува новинарството! Бог да чува! Или јас ништо не разбирам, или се овде е отидено во неповрат. Да е до платата, не е… Да е до популарноста, не ќе да е… Да е до важноста и моќта, во оваа држава ни тоа не е… Извинете, ама… јас логично објаснување немам за потребата на пратениците, ( и богати, и моќни и важни), да сакаат да бидат новинари? Освен едно! Она што се вика потреба од игра… од зезање де… Занете кога ќе си го прескокнете детството и од школски клупи ќе влезете во политика и ќе станете важни, еден ден ќе се разбуди детето во вас. И бидејќи нели сте моќни, ќе решите да си играте. Ај сеа јас малку ќе бидам новинар, а ти политичар. Ми се може бе!. Ми се игра! Ако некој не игра со мене ќе се љутам, ќе врескам, ќе плачам, ќе се трескам од земја… и пак ќе биде по мое.
И би игра! Само не знам кој е поголемо детиште во приказнава, тој што ја барал играта, или тој што ја прифати. И навистина ако сакате толку многу да си играме, ајде ќе се играме. И закон ќе донесеме. Еве Ви предлог. На секои три месеци ќе се менуваме. Три месеци ние ќе бидеме пратеници со Вашите привилегии, а Вие ќе бидете известувачи со нашите примања.
Но нејсе… туку… кој е заклучокот од циркузијатата? Да се апси по налог од “Бихаќка”, или да се известува по кодекс од “Павелшатевска”? Редно е за викенд, пред понеделник работните групи на координација кај Вељановски да договорат како понатаму. За да не губиме во време и нерви, одма… ама одма да се прифати предлогот на опозицијата… Се што ќе дефинира во заклучок и “свето писмо” да се преточи. Нека изготват урнек по кој медиумите ќе известуваат за приведување, за поднесени кривички пријави, за известување од седници на Влада, заседанија на Парламент, минтинзи на партии… Се фино нека дефинираат и шаблонски ќе се применува. За да нема проблеми и во Закон нека го преточат и казнени одредби со затвор од најмалку 3 до 20 години да внесат. Така белким они задоволни ќе бидат, а новинарите релаксирани од нивните секојдневни притисоци. Еве за да им биде полесно, и да нема ова-она, вамо-таму, јас им предлагам случајот “Штроскан” да го обработат и како урнек за известување да го посочат. Нека седнат нека направат, ТВ прилог, вест во низа, коментар, агенциска вест… од тој слулчај. Како они ќе ја запазат прзумцијата на невиност на Штроскан, така по тој пример ние новинарите во иднина ќе известуваме, за овдешните настани. Нека прегледаат и странски медиуми, нека инкорпорираат и странски искуства(од независни и етички медиуми) и бујрум нека кажат како треба. Пошто ние, новинарите, нели не знаеме.
Деца… Тоа за кое вие зборувате дека треба да значи презумнција на невиност во светот се вика информација. А, тоа ако некој имал прв и единствен снимка или изјава од настан, од приведување, апсење, во светот се вика “ексклузива”. И тоа не е топла вода. Тоа не го измисливме ние, тоа e основата на новинарството. Од првиот ден на неговото постоење и така ќе остане, сaкале вие или не! Ви се допаѓало тоа сега или не! И за тоа нема дебата, за тоа не се повикуваат новинари на распит пред пратеници! Затоа што Вие тоа право го немате. Мандатот од народот не Ви е даден да си играте новинари и истражни судии, ако сте си го прескокнале дететството. Играјте си по дома со вашите најблиски. Ако немате идеја и незнате што да правите и што треба да правите од позција на пратеници, повлечете се. Дајте си оставки и на Ваше место други да дојдат.
За презумцијата на невиност, за која два дена ги напаѓавте новинарите, дека тие “линчувале, жигосувале, суделе пред судовите, прогласувале криминалци, објавувале снимки со приведени лица со лисици на раце… итн), медиумите се оние кои одлучуваат како и што ќе прикажуваат, со комплетната совест и преземен ризик дали тоа ќе повлече по нив судски спорови од оние кои биле објавени.
Но, кај е проблемот? Во Македонија секојдневно полицијата и апси и приведува и поднесува кривични пријави против разни сторители на кривични дела. Но, во медиумите нејголем дел, можеби 99 проценти од тие случаи немаат никаов третман, затоа што најголем дел од тие случаи немаат некој поширок општетствен интерес. Најчесто тоа се обични луѓе кои го прекршиле законот. И во сите тие случаи целокупната нивна презумција на невиност е запазена. Што објавуваат медиумите? И кои случаи се наоѓаат во фокусот на вниманието на медиумите? Оние кои имаат широк општествен интерес. А тоа се убиства, грабежи, напади, тепачки од поширок размер.. и криминал направен од лица кои биле на службена позиција. Со други зборови, јавни фаци. И сега, драги пратеници, за кого вие се грижите кога зборувате за презумција на невиност? За Вашите! За оне кои биле или се дел од некоја позиција, некој кој нешто значи во јавноста? Епа, ако за Вас се важни, и за јавноста исто така се важни, пред се затоа што најчесто криминалот е направен со државни пари или државни ресурси. И тоа секаде во светот е така.
Затоа и случајот “Штроскан” ви го посочувам. Тој немаше право на презумција на невиност? Ама, ако американските медиуми не го објавија неговото име и ако со денови не го растргнуваа, немаше никој во светот да дознае за тоа, па ниту јас, а ниту Вие. А Штроскан, знаете што беше и која намера ја имаше во идната политичка активност. И уште поважно, случајот излезе дека е “монтировка”. И сега?
Идеме понатаму. Санадер! Хрватските и светските медиуми ја заштитија презумцијата на неговата невиност кога го уапсија во Виена? Не! Сите медиуми уште истата вечер се стационираа со шатори пред австриските институции и “грмеа” за неговото апсење.
Берлускони? И неговата презумција на невиност падна пред медиумите.
Снуден нема право на презумција на невиност? Или тој по дифолт е државен непријател, затоа што така го окарактеризирала американска држава. И редица други случаи, кога станува збор за настани поврзани со слични ситуации можат да се редат. Ама, никаде во светот јас не видов дека опозицијата ги повикала новинарите да им дели лекции во Парлемент како да известуваат и притоа, најдрско, најбезобразно да им става прст во очи и на тој начин да ја загрозува слободата на изразување. Нема држава, во која има вакво јавно заплашување на новинарите, вакво директно мешање во слободната воља на дејствување. Тоа ниту во Северна Кореја го нема. Јавното сослушување на комисиска расправа со директен пренос на собранискиот канал, немаше за цел да расветли ништо, ниту да постави некакви правила, немаше за цел да се дебатира, да се разменуваат мислења. Имаше една единствена цел. Новинарите да ја видат, да ја препознаат омразата која “ечеше” од лицата на опзициските пратеници. Да ја запаметат. Да им влезе во меморијата, да им постане страв, да им постане ноќна мора. Да се плашат за нивната иднина, кога нели ќе дојдат тие не власт. Тој, за мене, безобразно срамен распит имаше за цел од новинарите да направи политички аналфабети. Да им го оспори легитимното право да имаат свој став, свој политички поглед, свое мислење. А тоа не е демократија! Тоа е демонстрирање диктатура.
Светското новинарство познава само селектирање на пазараот. Далечинско в рака, или некупување на весник во трафика. Затоа постојат и Ле Монд и Ла Фигаро, затоа ги има и Фокс и Си Ен ЕН, затоа опстојуваат и Тајм и Индепенднт.
Јас сакам да Ве прашам, драги пријатели парламентарци, што ви се виновни новинарите, што Вие не можете да дојдете на власт? А? А, толку многу ја посакувате. Новинарите не ви се виновни. Грешката е кај Вас, затоа што место идеја, играта детска сте си ја одбрале. А, ние за апсења со лисици и за незаштитување на прзумција на невиност сме известувале и кога друг бил на власт и кога Вас тие извештаи Ви беа омилени. Известуваме и сега, за жал… А,ќе известуваме и кога еден ден и Вие ќе дојдете на власт. И не заборавјте! Ние сме новинари сега кога Вие сте политичари. Ние ќе бидеме новинари и утре, кога Вие нема да бидете политичари.
Марјан Николовски – новинар за Денешен
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа