Мицкоски: Нашата визија е Ромите да бидат рамноправни граѓани
Ромите се составен дел од нашето општество. Тие не се малцинство, туку народ со богата традиција, со музика, со јазик, историја, обичаи. Тие се наши сограѓани, соседи, пријатели, соработници и најважно од се – граѓани со иста вредност и достоинство како секој друг, порача вечерва премиерот Христијан Мицкоски на настанот за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.
-Нашата визија не е Ромите да бидат толерирани или вклучени, туку да бидат рамноправни граѓани со иста моќ да одлучуваат, создаваат, сонуваат и живеат достоинствено. Затоа денеска не е само ден на одбележување, туку ден на отчет, ден кога повторно го обновуваме нашиот завет дека нема да има напредок без еднаквост, дека нема слобода без правда, дека нема развој без вклученост на сите. Ја градиме Македонија како држава за сите, за секое дете, за секое семејство, секој човек без разлика на етничка, верска или социјална припадност, посочи Мицкоски.
Нагласи дека Меѓународниот ден на Ромите е ден на сеќавање, на историја, на прогонот, на исклученоста, но и ден на достоинство, отпор и надеж. Тоа, додаде, е ден кога не само што ја славиме ромската култура, туку и гласно зборуваме за неправдите со кои оваа заедница се соочувала и за заложбите кои ги преземаме како држава за да ги надминеме тие неправди.
-Вистина е дека ромската заедница предолго живее на маргините. Нееднаквоста е реална, има системски бариери и преземаме одговорност нив да ги рушиме чекор по чекор, политика по политика, проект по проект, рече Мицкоски и додаде дека образованието е клучот на инклузијата.
Токму затоа, додаде, Владата вложува во политики кои ќе обезбедат еднаков почеток за секое дете без разлика на етничката или социјалната припадност.
-Образованието не е само учење факти, тоа е учење на самодоверба, тоа е патот до достоинство. Тоа е мостот кој ја носи секоја млада личност од маргините до центарот на општеството. За ромските деца образованието не е само опција, тоа е надеж, тоа е одговор на генерации неправда, на ислученост и заборав. Кога едно ромско дете ќе влезе во училница тоа е чин на отпор, кога дипломира тоа е победа на правдата. Затоа Владата ја стави еднаквоста во образованието како приоритет, посочи Мицкоски и додаде дека преку образованието може да се промени животот на ромските деца.
Истакна дека Владата работи силно на вклучување на Ромите во пазарот на трудот преку активни мерки за вработување во соработка со Агенцијата за вработување специјално насочени кон младите Роми и жените, обуки за занаетчиство и дигитални вештини, како и можности за самовработување преку грантови и менторства. Од 2023 година заклучно со денеска, прецизира, повеќе од илјада Роми добиле работен ангажман или почнале сопствен бизнис.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа