Милошоски: Ковачевски и Ахмети преговараа амнестија за Груевски со цел поделби во ВМРО-ДПМНЕ и уставни измени

 

 

Власта на чело со Ковачевски и Ахмети преговара амнестија за Груевски со цел тој да влијае на поделби во ВМРО-ДПМНЕ и евентуално да им помогне да се изгласаат уставните измени, истакна на прес-конференција Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Измените во Кривичниот законик, вели тој, не се случајни, имаат двојна цел, првата е да се амнестираат функционери од актуелната власт, кои во изминатите години, за жал, ја ограбуваа државата и, второ, да се влијае на процесите што се однесуваат на Груевски.

Според него, измените во Кривичниот законик ги договарале СДСМ, ДУИ и лица од помали политички партии, кои сакаат поделби во опозицијата.

Додава дека оваа констатација, намерно или случајно, јавно ја кажа и Али Ахмети во едно интервју.

„Во изјавата на Ахмети беше потенцирано дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски ниту преговарала за измените во Кривичниот законик ниту се согласила дека е против измените во Кривичниот законик и исто така е против менувањето на Уставот под бугарски диктат.
Сакајќи или не сакајќи, со ова најистакнатиот експонент на власта направи јасна разлика помеѓу оние што тргуваат со амнестија за да стигнат до уставни измени и своја правна заштита и ВМРО-ДПМНЕ, која ја слуша волјата на народот и е против уставни измени и трговија со правосудниот систем за политички материјални цели.
Со оваа акција на СДСМ и ДУИ целта им е да се амнестираат двајца поранешни премиери, а од друга страна, менуваат правосудни закони, кои би создале лична корист и заштита на актуелните функционери на СДСМ и ДУИ. Споменатите преговарачи на амнестијата нема да застанат тука. Во моментот разговараат за нов закон за амнестија, со кој би се спасиле од затвор лица блиски до власта, но имаат несогласувања кои дела да ги опфаќа тој закон за амнестија во Министерството за правда и Владата има разни позиции“, потенцира Милошоски.

Милошоски истакнува дека агендата на СДСМ и ДУИ во периодот што следува е со две примарни политички цели. Едната цел, како што појаснува, е да се спасат функционерите и да има амнестии за оние што краделе и ја злоупотребиле функцијата, а втората е да го искористат Груевски за фрагментација во ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да си олеснат евентуално олеснување на уставните измени.
Им порачува и на СДСМ и на ДУИ и на нивните клиенти да не ја потценуваат ВМРО-ДПМНЕ, да не го потценуваат народот.

„Партијата е обединета, пратеничката група е сплотена и ВМРО-ДПМНЕ под ниеден услов нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат, а овие политички пазарења со амнестии во Кривичниот законик нема да ги спасат од одговорност актуелните функционери доколку сметале дека ова им е некаков политички аванс“, нагласува Милошоски.

20.09.2023 - 13:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега