Владата одлучи: Намалување на цените на прехранбени производи за најмалку 10% и замрзнување на намалените цени

 
Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества  одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.

Со одлуката се определуваат посебните услови за трговија, највисоките цени во трговијата на мало, како и обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица и кои се регистрирани за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо и на мало во соодветен регистар согласно со закон, да ги прибавуваат и продаваат следните производи/стоки:

1) ориз бел, во пакување од 900 гр до 1 кг;

2) брашно пченично тип 400 и тип 500;

3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 гр (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;

4) други пекарски производи;

5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 гр;

6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр;

7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица, обични) без и со јајца од 500 гр;

8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;

9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;

10) мелено месо свинско и јунешко;

11) пиле свежо или замрзнато (цело);

12) пилешки стек свеж или замрзнат;

13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;

14) пилешка посебна салама  (без слајс пакување);

15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 гр;

16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%,  во пакување од 1 л;

17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%,  во пакување од 1  л и 1,5 л;

18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 гр;

19) павлака од кравјо млеко  со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 гр;

20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);

21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);

22) свежи јајца од кокошка;

23) свежо овошје и

24) свеж зеленчук.

Највисоките цени овие производи/стоки се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба), коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%.

Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите/стоките што се предмет на оваа одлука и коишто се поставени на полиците, фрижидерите и во разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија.

Трговците за вршење дејност - производство и за вршење дејност - трговија на големо, имаат обврска, производите/стоките посочени во оваа одлука, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност - трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.

Одлуката е донесена имајќи ги предвид состојбите на пазарот од страна на учесниците во ланецот на трговија на големо и на мало, коишто, според предлагачот на Одлуката, Министерството за економија, предизвикаа сериозно зголемување на цените на основните прехранбени производи.

Следејќи го растот на цените на домашниот пазар и потрошувачката моќ на граѓаните, оценето е дека за заштита на животниот стандард на населението е потребно повторно да се ограничат цените на слободниот пазар на одделни прехранбени производи, коишто се доминантни производи за конзумирање и за коишто Државниот завод за статистика објавува месечни статистички податоци за мерење на трошоците за живот.

Целта на владината Одлука е да се спречат натамошни пореметувања на пазарот и да се отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа.

19.09.2023 - 18:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега