Путин: Русија сака да стави крај на војната предизвикана од Западот
Рускиот претседател Владимир Путин денеска на самитот на „БРИКС“ изјави дека Русија сака да стави крај на војната во Украина, наведувајќи дека таа е предизвикана од Западот и неговите сателити.
Во видео-обраќањето до лидерите на „БРИКС“, Путин повтори дека бил принуден на војна поради акциите на Киев и Западот. Украина и Западот тврдат дека руската инвазија е империјалистичко грабање земја.
Путин лично не дојде на самитот, кој се одржува во Јоханесбург, бидејќи му се заканува апсење врз основа на налогот на Меѓународниот кривичен суд. Во март МКС издаде налог за негово апсење за воено злосторство-илегално депортирање деца од Украина во Русија, потсетуваат медиумите.
„Само една работа ги диктира нашите акции во Украина, а тоа е да се стави крај на војната предизвикана од Западот и неговите сателити против луѓето што живеат во Донбас“, рече Путин, мислејќи на источниот дел на Украина.
„Сакам да забележам дека желбата да се зачува нивната хегемонија во светот, желбата на некои земји да ја зачуваат таа хегемонија, доведе до сериозна криза во Украина.
Русија постојано изјавува дека е отворена за разговори за ставање крај на 18-месечната војна, но само доколку се земат предвид новите реалности создадени од руските сили кои контролираат речиси една петтина од Украина.
Украина бара враќање на целата нејзина територија и заминување на руските сили“.
Путин, исто така, рече дека Москва ќе го искористи своето претседавање со „БРИКС“ следната година за да ја зајакне улогата на групата во светот како противтежа на глобалната доминација на САД.
Самитот на „БРИКС“ ќе се организира во Казан во октомври 2024 година, рече тој. Зајакнувањето на „БРИКС„ е дел од руската визија за поткопување на американската доминација и градење, според зборовите на Путин, „мултиполарен светски поредок“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа