Зеленски: Мене сакаат да ме убијат само во Русија, додека целиот свет сака да го убие Путин

 

 

Најмалку 21.000 платеници на Вагнер загинале во борбите во Украина, според украинскиот претседател Володимир Зеленски.

 

Украинскиот лидер изјави дека руската приватна воена група претрпела „огромни загуби“, особено на истокот на Украина, објави Си-Ен-Ен.

„Нашите војници убиле 21.000 вагнерци само во источна Украина“ изјави Зеленски пред новинарите во саботата, додавајќи дека се ранети уште 80.000 платеници.

„Ова беа огромни загуби за Вагнер“, рече тој.

Си-Ен-Ен не може самостојно да ги потврди овие тврдења на Зеленски, изнесени за време на конференцијата со шпанските медиуми по повод посетата на шпанскиот премиер Педро Санчез на Киев. Ова беше трета посета на Санчез на Украина, која се случи во време кога Шпанија го презема ротирачкото претседателство со Советот на Европската унија и по наводното доаѓање на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс во Киев.

„Вашингтон пост“ објави, повикувајќи се на свои извори, дека Барнс неодамна отпатувал во Украина и се сретнал со Зеленски и со украинските разузнавачи. Неименуван американски функционер изјави за весникот дека Барнс отпатувал во Киев пред бунтот на Вагнер, што „не било тема на разговор“.

„Њујорк тајмс“ пишува дека по неуспешниот бунт, директорот на ЦИА разговарал со шефот на руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, за да го увери дека САД немаат никаква улога во организирањето на бунтот.

Барнс во саботата рече дека вооружениот бунт на Вагнер, кој тој го опиша како „вооружен предизвик за руската држава“ го покажал „корозивниот ефект“ на украинската војна врз самата Русија.

Тврдењата на Зеленски за загубите на Вагнер беа изнесени само една недела по неуспешниот бунт на шефот на платеничката група Евгениј Пригожин. Војниците на Вагнер тргнаа кон Москва, преземајќи ја контролата врз воените објекти во Ростов-на-Дон и Воронеж, за што Пригожин рече дека е одговор на рускиот воен напад врз Вагнер. Бунтот ненадејно беше прекинат откако Пригожин се согласи на договор постигнат со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Иднината на Вагнер сега е нејасна. Според договорот, Пригожин мора да замине во Белорусија, а неговите борци добија опција или да се приклучат на руската армија, безбедносните служби, да се вратат кај своите семејства или исто така да одат во Белорусија.

Во говорот во саботата, Зеленски рече дека бунтот на Пригожин „влијаел на моќта на Русија на бојното поле“ и може да биде корисен за украинската контраофанзива.

„Оваа ситуација мора да ја искористиме за да го истиснеме непријателот од нашата земја. Ја губат војната. Немаат повеќе победи на бојното поле во Украина, па почнуваат да го бараат виновникот“, рече тој.

Сепак, тој додаде дека нема да избрзува со контраофанзивата бидејќи ги цени човечките животи и мора стратешки да ги испрати своите војници.

„Секој метар, секој километар чини животи. Можете да направите нешто многу брзо, но полето е минирано до земја. Луѓето се нашето богатство. Затоа сме многу внимателни“, рече Зеленски.

За време на конференцијата во саботата, тој, исто така, го изрази својот страв од губење на двопартиската поддршка од САД, по „опасните пораки што доаѓаат од некои републиканци“.

„Мајк Пенс ја посети и ја поддржува Украина – прво како Американец, а потоа како републиканец. Имаме двопартиска поддршка, но во нивните кругови има различни пораки во врска со поддршката за Украина. Има пораки кои доаѓаат од некои републиканци, понекогаш опасни пораки, дека можеби ќе има помала поддршка. Најважно за Украина е да не ја изгуби двопартиската поддршка“, рече Зеленски.

На новинарско прашање дали е во опасност и дали се плаши за својот живот, Зеленски одговори:

„Поопасно е за Путин отколку за мене, да бидам искрен. Затоа што тие сакаат да ме убијат само во Русија, додека цел свет сака да го убие“.

Шпанскиот премиер му вети помош на Зеленски.

02.07.2023 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега