Подобрена е состојбата со правата на ЛГБТ лицата во Македонија, оцени американската амбасадорка

 

 

Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, денеска го одбележа 17 мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата.

Настанот го отвори пратеничката Маја Морачанин, координаторка на ИППГ за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, која напомена дека оваа меѓупартиска група откако е формирана во континуитет го одбележува овој ден и останува посветена на унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, кои во суштина се човекови права.

На настанот свое обраќање имаше Ангела П. Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави, која истакна дека во изминативе години работите во земјата се сменети на подобро во однос на правата на ЛГБТИ лицата. Агелер своето обраќање го заокружи со пораката дека едно општество може да се оцени според тоа како ги третира своите најранливи членови.

Амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, при своето обраќање се повика на Декларацијата за човекови права, каде што се вели дека сите луѓе се родени еднакви. Гир нагласи дека клучни вредности на Европската Унија се еднаквоста и недискриминацијата.

Пред присутните се обрати и Лила Милиќ од Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“, која зборуваше за трансродовите жени, кои на светско ниво се најизложени на насилство и убиство. Милиќ, како трансродова жена, го сподели своето искуство со институциите на системот кои не го препознаваат нејзиниот идентитет. Таа апелираше до пратениците да ги поддржат измените на Законот за матичната евиденција, којшто треба да влезе во собраниска процедура.

Во понатамошната дискусија пред присутните се обратија и Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот за поддршка; Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација; Беким Асани од ЛГБТИ Јунајтед; Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации; како и пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Санела Шкријељ.

17.05.2023 - 16:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега