Нема кој да одлучи за смената на Рајчев – обвинителот најави тужба против Марјан од „Доказ М“
Немало кој да одлучи за барањето за изземање на вишиот јавен обвинител Сашо Рајчев бидејќи неговиот шеф Мустафа Хајрулахи не сакал да одлучи оти бил споменат од Марјан Стаменковски на јавната седница, а републичкиот обвинител Љубомир Јовески не бил во Македонија. Поради ова, се одложи јавната седница за петок.
„По поднесеното барање за мое изземање да постапувам по предметот, по направениот прекин за да се одлучи по поднесеното барање, од моја страна беше изготвена и доставена писмена изјава до вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, а во прилог и записникот од денешната седница, на која беше истакнато барањето за изземање. Со оглед на тоа што во истакнатото барање за изземање, освен тоа што бев споменат јас, како јавен обвинител кој постапува по овој предмет, беше споменат и обвинителот Мустафа Хајрулахи, а за да се отстрани каква било непристрасност, при одлучувањето по барањето и тој побара изземање по кое ќе одлучи јавниот обвинител на Република Северна Македонија“, рече Рајчев.
Тој додаде: „Со оглед на тоа што јавниот обвинител на Република Северна Македонија е на службен пат во странство и објективно не е во можност да одлучи по барањето за изземање, не може ни да се закаже нова јавна седница по која ќе ви биде закажана седница на која ќе добиете решение“.
По завршувањето на судењето, Рајчев најави тужба против Стаменкоски.
„Па да, да ги прочитам убаво, во скоро време ќе биде и тоа изреализирано“, изјави Рајчев.
Претходно, Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, побара изземање на обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно обвинителство со тврдење дека некои од информациите за кои сега се гони му ги давал токму овој обвинител. Рајчев, пак, негира и рече дека не бил во контакт со обвинетиот, како и дека не праќал информации. За изземањето на обвинителот, одлучи шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа